Подолго време, ајде да бидам искрена, повеќе години се плашам да се симнам во мојот подрум, од кој клуч има само сосетката на која ѝ го дадов многу одамна за да го користи, затоа што не знам во каква состојба ќе ги затекнам моите работи таму, а ми се едни од најзначајните што ги поседувам.
Меѓу личните работи и библиотеката со книги, во подрумот е сместена мојата богата архива од списанието “Пари Мач”, кое во деведесеттите веќе можеше да се купи во нашите трафики, а кое беше едно неповторливо делукс издание на “мрсна колорна хартија”.
Иако бев зависна од него од првата до последната буква, од првата до последната фотографија, и просто го голтав целото списание, на крај остануваше само впечатокот дека повторно го купив само заради репортажите со Принцезата Дијана, и само тоа ми го задржуваше вниманието цел месец, до следниот број од славниот месечник.
Во десеттина години, на база на селективна перцепција, ги помнев само текстовите и фотографиите со и за неа (единствена репортажа плус што ја запомнив беше со Типи- малечкото девојче кралица на џунглата), а другото всушност го читав онака попатно. И го заборавав.
Во нив, Дијана беше распослана на неколку страници, и на насловна со најава секако, најчесто сама и со децата, а многу многу ретко во некоја од репортажите ќе се појавеше и фотографија со Чарлс, кого не го ни забележував.
Тогаш мислев дека е “вау” што “Пари Мач” објавува сѐ за мојата омилена и сакана принцеза, од денешен агол и по толку години поминати во медиуми, јас сфаќам дека таа беше (станата) само зависна од слава и популарност, џетсетерка која “се расфрла” со прелуксузниот живот кој го води, егоцентрик кој на крај желбата за слава ја плати прескапо- со својот живот.
Знам дека звучи многу сурово сево ова кажано од мене, јас, која се гушеше од солзи дента кога како денеска на 31 август, 1997, принцезата ни замина во вечните легенди, и не ја прежалив до ден денес, и никогаш нема, но ја знам моќта и магијата која ја предизвикува славата и да се биде во центарот на вниманието и какви психички тегоби и последици може да остави сето тоа.
Дијана, сама ги научи медиумите да ја следат. Таа ги потхрануваше. Поточно ги хранеше. И тоа мошне обилно. Со себе си. Најпрво во улога скромно и отмено, потоа драматично и скандалозно.
Сама си напакости, најмногу.
Не, немаше потреба да излегува ни во “Пари мач”, во серијал секој месец, па макар и да станува збор за платени фотосесии, таа исто така не зависеше од тие пари. Секако, уште помалку требаше пред “гладните очи и усти” на јавноста да ги изнесува своите малолетни деца. Па дури и својот сопруг. Која беше целта што сакаше да ја постигне со тоа, освен слава?
Никоја друга.
Сега кога ги анализирам во мојата глава запаметените фото- репортажи, се сеќавам дека на почетокот таа како да се фалеше со гламурот во кој живее и скапиот мебел околу себе, и скапата облека, не заради тоа што сакаше тоа да го прикаже, туку заради тоа што тоа беше нејзината реалност. Живееше еден вид семеен кралски живот.
Дури потоа, почнаа дружбите и фотосесиите со славни пејачи и славни личности и настани и почна нејзината целокупна трансформација и таа самата се сврте од семеен кон пропаганден живот, во општествени цели.
Факт, кој се запиша во историјата на Планетата е дека таа беше омилена и наречена “Принцеза на срцата”. Беше и ќе остане сакана и омилена, со претходно незапаметен толку многу шарм и убавина во една жена.
Но, факт е и дека не ја сфати монструозната моќ на медиумите, нивната опасност и кога посака да се оттргне од нивните канџи, веќе беше предоцна.
Леди Дијана стана славна сама и по своја желба. Појавувајќи се во медиумите. Не беше принудена. Тоа беше нејзината лична потреба. Во спротивно, ќе живееше живот зад затворени врати на Бакингемската палата. И без да допре до нас секој нејзин детал од животот.
Таа самата го сакаше тоа.
Насловни страници.
Телевизиски појавувања.
Позирање.
Камери.
Џетсетерство на виделина.
Со тоа создаде и силен притисок од јавноста за себе си и за кралското семејство, на коњ тоа очигледно и не му се допаѓаше.
Да не навлегуваме во бракот и личните проблеми со нејзиниот сопружник, тогаш Принц сега Крал, и таа живееше еден многу слободен живот на љубовно поле, и неспречен, бидејќи во рок од само една деценија повеќе пати беше (пардон, била) вљубена и во врска со разни профили на луѓе. Кој ќе ѝ се допаднеше, тој!
Во таа смисла целосно го користеше своето женско право на – слобода, како на слободна и разведена жена.
Но, тоа сепак беа врски за кои самата јавно не зборуваше или пак нешто малку откри, бидејќи јавно не доликува мајка на две деца и носителка на најпрестижната титула за жена во Англија и во светот, Принцеза, да води слободен љубовен живот, на ниво на тинејџерка а тоа секој да го знае и дознае.
Цената која ја плати од медиумите беше притисокот кој тие го направија врз неа кога почна сама да зборува отворено и да бара спас за некои свои нерешени проблеми, а не само што не наоѓаше спас туку само поголема опресија и притисок од јавноста. Стана само поголема медиумска атракција за медиумите жедни за пикантерии и скандали, и поголема читаност и гледаност (затоа што медиумите не се ни здравствени ни рехабилитациони установи, а ни советнички центар, за да може да помогнат, тие се само спроводници на она што ќе им го кажеш да стигне до поширока публика). И ја користеа повеќе како невидливо а моќно можно оружје во својот медиумски линч упатен кон кралското семејство, а не толку заради тоа што сакаа да ги заштитат и нејзините ранливи чувства.
А најмногу зовреа кога забележаа дека навистина се вљуби и има животни планови со слободно разведено и неодоливо момче, светски посакуваниот и згоден плејбој. Веќе колку и да сакаше да го сокрие приватниот живот од медиумите, беше невозможно. Тие беа зад секоја нејзина трага, зад петици. Тие знаеја сѐ за неа, каде се движи, што сака, каде ќе оди, како функционира, просто како дише…
Сѐ она што таа самата го откриваше за себе со години, се собра на купче.
И,…
Сега тука ми навира солза за неа, сеќавања на кобниот ден кога ги бркаа бескрупулозни светски папараци… И кога прекинаа две вљубени гулапчиња во љубовен лет, во љубов која верувам ќе поместеше толку граници и предрасуди, како и дека одново ќе ја стресеше целата Планета.
Но, неколку “чкрап- чкрап” звуци и блицови со лажен сјај во мрачниот тунел ја прекинаа започнатата романса на принцезата и плејбојот.
Од што треба да извлечеме јавно видлив заклучок дека- среќен љубовен живот и медиумска експонираност- не, не и не одат заедно! Второво секогаш безмилосно го уништува првото.
Славата, поточно медиумската слава (која во многу е различна од вистинска слава) е најопасното нешто што може да се случи во љубовната реалност на една жена.
Таа треба да се одлучи- слава или љубов. Иако секоја слава е толку кратка и лесно минлива што од неа ништо не останува, освен само прав…
За жал, овој пат ѕвезден прав кој трае и ден денеска и нѐ опсипува со непомината болка и тага по шармантната принцеза, но кој остава и пецкање по кожа и потсетување дека за да успееш во својот приватен живот секогаш е најдобро да не ги навлекуваш медиумите на себе. А ни себе си да не се навлекуваш на медиуми…
Зашто, колку посилна е таа спрега и корелација, толку поголема е сметката, која на крај неславно мора да ја плати оној кој ја понел славата.
Слава ѝ на омилената Принцеза!
Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт