ОД МОЈ АГОЛ: Патување низ Германија за 9 евра!

108
Ја сакам Германија! Тоа ти е како една прекрасна личност која ретко ја среќаваш, но секогаш штом ја сретнеш  одново те изненадува позитивно. И остава мирис што го помниш, на…темјанушка, на пример.
Неодамна ја посетив по еден несекојдневен и неочекувано убав повод  и меѓу бројните впечатоци за кои сега нема да зборувам, најпозитивен впечаток ми остави колку оваа земја се грижи за своите над 80 милиони граѓани-домашни и дојдени. Сите тие во овој летен период може да ја уживаат земјата за само 9 евра.
Како?!
Во Германија за 9 евра (550 денари) купуваш билет со кој цел месец се возиш по возови, автобуси, метроа, трамваи… Каде сакаш. Во буквално било кој град и село. За 9 евра месечно! Билетот важи цел месец, а така ќе биде цело лето.
Значи, твоја среќа што можеш да патуваш од град во град, од град во село, од село во село, а и во самиот град. Било кој. Било каде.
Германците се бунат, и велат – “па зошто само во лето, ајде нека направат за цела година” . И ќе ѝм направат, така ѝм ветиле. А кај нив ветувањата значат и исполнувања, свет на цивилизирани предводници и политичари.
Токму така, на над 80 милиони луѓе (чија просечна плата е 3.000 евра) поради “кризата”, која таму и речиси не се чувствува, ѝм е овозможено за 9 евра да патуваат каде сакаат, со супер луксузни, чисти и преубави превозни средства !
Ова последново посебно ме фасцинира. Возовите, не само што се беспрекорно и во минута точни и чисти, тие се толку пријатно миризливи без никаква хемикалија, што тоа се одрази позитивно и на моето здравје. За разлика од моментот пред моето заминување, кога во нашите недозволиво преполни автобуси во кои (кај приватните) напред стои и џогер и кофа со опасни хемикалии за да ги мијат, како што миеме дворови, неколку пати се гушев и го сопирав автобусот да излезам, во насушна потрага по чист воздух, а таму, во Германија, можев да се прогласам за најздравата, која ниту еднаш не ни кивна. Ни во воз ни во метро.
Маски кај нив во јавниот превоз сѐ уште се носат. Но не панично. Ако те забележат без маска редарите дискретно ќе те опоменат и тоа е сѐ.
Климата си работи неосетно, наместена токму колку што е потребно за да освежува и да одржува пријатна температура, и без да дува директно во луѓето.
За културата и тивкоста на патниците, тоа да не зборувам, на сите нѝ се позната тие нивни навика. Од најмало до најголемо.
Ама, ми остави силно впечаток и уште една случка. Меѓуградскиот воз беше празен. Само што се сместивме пред нас забележавме велосипед. На следната станица влегоа други двајца велосипедисти. Човекот со велосипедот веднаш стана од своето седиште го тргна својот велосипед, го премести па дури и го собра.
Ми изгледаше нелогичен неговиот потег, кога цел воз е празен. На местото на неговиот велосипед, другите двајца велосипедисти ги ставија своите велосипеди. По само две станици ми се разјасни. Тој беше го тргнал својот велосипед затоа што патуваше до подалеку, а тие велосипедисти што влегоа потоа, се симнаа брзо, тој всушност ѝм правел простор да не се шетаат низ возот, веднаш да ѝм е на дофат влезот и излезот.

“Во Германија за 9 евра можеш да ја видиш цела земја, а и да видиш разни чуда”, си помислив, а потоа се сетив дека и ние ќе имавме бесплатен превоз или за само 9 евра. За малку.

Како?!
Па, или да имавме доследни ветувач(к)и, или барем да се родевме таму (расположена сум и за малку иронија, нели? ) …
ПАРГО

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.