Телевизијата и илузиите на видео поткастите! Дали е Телевизијата во опасност?
На 21 ноември 1996 година, во чест на телевизијата и денот на одржувањето на првиот Светски телевизиски форум, со решение на Генералното собрание на ООН, овој ден е прогласен за Светски ден на Телевизијата.
Во бројните проучувања на Телевизијата, од медиумски, социјален и општествен аспект за мене беше и остана најмоќен медиум. А зошто, ќе се обидам да објаснам на што пократок и појасен начин.
Дали знаевте дека:
-Првиот телевизор бил измислен од Џон Логи Бирд во далечната 1925 година а самиот уред бил од механички карактер?
-Дека во 1932 година, првата практична телевизиска камера ја прикажал Американецот со руско потекло Владимир Козма Зворкин, која за разлика од Бердовата механичка, била во целост електронска.
-Дека од 1884 до 1999 кога почнува со употреба дигиталната ТВ, која овозможува значително зголемување на бројот на канали, поминало повеќе од еден век и учество во целиот процес на илјадници луѓе најнапред во Америка па потоа во Европа, со центар во Германија. Илјадници луѓе во развојот на Телевизијата, кој е најмоќен медиум и заради можноста да биде во секој дом, но и заради можноста за пренос на слики, кои на сите им создаваат чувство дека се дел од нешто глобално.
Телевизијата претставува симбол за комуникација и глобализација во современиот свет и како медиум сè уште е највлијателен и покрај огромниот подем на интернетот. Според истражувањата дури 98 проценти од домаќинствата поседуваат барем по еден телевизор и секојдневно гледаат телевизија.
Идејата на телевизијата како симбол за комуникација е да информира, да негува различности, да шири култура, да социјализира и на наједноставен начин да ги едуцира луѓето и да им создава чувство на безвременско и безпросторно присуство. Создавањето на телевизиски програми, за сите возрасти и од сите жанрови, е клучот по кој треба правилно да функционира, за таа да го има своето влијание врз целокупното население, ако се знае фактот дека одамна веќе 96 % од населението има телевизор во својот дом.
Непрофесионалното работење на телевизиите, доведува до изместување на програмските содржини. Затоа во дадени периоди Телевизијата е доведена во криза или условна т.н. опасност, од уништување или ставање во сенка.
Пред 20-тина години, тоа беше напливот на реални програми (шоу програми), кои ги окупираа ТВ станиците, се со цел – поголем профит и помасовно учество на населението “во телевизиските програми “. Но таа опасност помина по 10-тина години. За жал новите генерации на телевизиски работници, автори на телевизиски содржини, не добија поголеми и поразлични креативни идеи, да ја направат поинтересна и погледлива. Напротив, покрај профитот, во телевизиските програми длабоко навлезе политиката и таа ги однесе во некој друг безмалку “деструктивен“ правец.
Сега веќе телевизиите и на глобално, но многу повеќе изразено е на локално ниво, во Македонија се под “опасност“, од страна на се побројните видео поткасти. Тие се се популарни и никнуваат што би рекле “како печурки“. Воглавно се говорни емисии на “тема“ и со “некој интересен гостин“ . И доколку имате време и желба да слушате еден-два часа и да гледате два-три лика кои зборуваат на некоја тема, безрезервно се смеат, исмејуваат, напаѓаат или бранат, седнати во обична просторија, со минимални потребни технички услови, поткастите се вистинското нешто, со кое ќе го изгубите времето.
Јас само би додала во овој приказ дека според мене, изучувајќи го влијанието на телевизијата како најмоќен медиум низ децении, согледувајќи ја целата моментална состојба, телевизијата не треба да се плаши. Единствено, треба програмски да се насочува кон создавање на вистинска тв продукција, по содржина, по жанр и по форма и да почека и оваа “видео поткаст манија“ да помине, како и многуте предизвици досега.
Затоа што “Телевизијата во светот на медиумите е најмоќниот, и покрај се“.
Пишува
Татјана Гогоска, М-р по комуникации
автор на книгата “Телевизијата и емоциите на децата“/ објавена 2010 година
автор на три истражувачки труда
“Жанровите на телевизијата “ /2009
“Телевизијата и интернетот“ /2012 и
“ Зголемената агресија кај младите под влијание на агресивните телевизиски програми“ /2013