За медиумската писменост, неопходна во денешново живеење

93

Способноста на поединецот самостојно и критички да го интерпретира текот, содржината, вредностите и последиците од медиумските содржини, во сите нивни форми,  воглавно е кратка дефиниција за медиумската писменост.

Способноста на поединецот не само да пристапува туку и да ги
разбира медиумите, со критички приод кон нивната содржина, да создава содржини во различни контексти (пишувани, аудио, видео и мобилни) е умешност која се учи, за да може поединецот да биде ослободен од медиумската манипулација.

Пристапот до модерните алатки води и кон нови начини на восприемање содржини,
преку: СМС пораки, вирални видеа, постови на социјалните мрежи, видео игри,
реклами, итн. Заедничко за сите овие нови дигитални содржини е дека некој ги
создал, и тоа со некаква причина. Откривањето и разбирањето на таа причина е во
основата на медиумската писменост.

Медиумите неспорно влијаат врз начинот на кој размислуваме и донесуваме одлуки, а
развивањето на способноста на децата да станат паметни корисници на медиумските
содржини, да ја развијат способноста за критичко размислување и да ги градат и
изразуваат своите идеи и мислења врз основа на факти и докази е од клучно значење
за нивниот развој во критички настроени и активни граѓани на едно современо општество.

Медиумска писменост има неколку цели, пред се да им помогне на граѓаните да препознаваат на кој начин медиумите ги филтрираат нивните прецепции и уверувања, ја обликуваат популарната култура и влијаат врз личниот избор. Да ги оспособи за критичко мислење и креативно решавање на проблеми и да  станат претпазливи потрошувачи и креатори на информации.

Зошто е важна медиумската писменост за нашите деца?

Во ова време во кое сме преплавени од разни дезинформации, гласини или
манипулативни содржини, особено од новите медиуми и социјалните мрежи,
медиумската писменост е од суштинско значење. Способноста критички да
се пристапува кон разните медиумски содржини и информации кои
стигнуваат до нас, да се разликува она што е релевантно и вистинито од она
што е дезинформација или лажна вест, е вештина која во денешницата мора
да се учи уште од најмала возраст. Децата, како ранлива група, се подложни
да апсорбираат информации од многубројни извори, како од
традиционалните медиуми (телевизија, радио, весници и списанија) така и од
новите медиуми. Новите начини како да се дојде до медиумски содржини се
брзи и лесни, честопати можат да бидат и незабележливи.

Влијанието на родителите во развивање на медиумската писменост кај децата 

Како да ги научиме децата што е лажна информација? Дезинформациите или лажните информации се содржини кои се невистинити или неточни и чие создавање и ширење може да е мотивирано од различни причини: остварување финансиска корист, продажба на продукти, злонамерно наведување на одредено мислење или постапки, обид за политичка или друг облик на манипулација итн. Децата, поради нивната возраст, се особено ранливи и подложни да бидат изманипулирани од ваквите содржини. Правењето разлика меѓу веродостојната информација и дезинформацијата или лажната информација подразбира да се провери дали е информацијата заснована на факти или на нечие мислење. Фактите се точни показатели за она што се случило или за нешто што постои во реалноста, додека мислењата се лични интерпретации или гледишта на авторот на содржината. Родителот треба да му објасни на детето дека може да се согласиме со нечие мислење или нечија гледна точка, се додека тоа е поткрепено со факти. Има многу прашања кои можат да им се постават на децата за содржината што ја гледаат, а кои подоцна ќе можат самите да си ги постават за да препознаат што е лажна информација.Но, она што децата мораат да го стекнат како клучна способност е да се постојано скептични кон содржините што ги восприемаат. Како родители, важно е постојано и практично да работиме со децата, да ги упатуваме кон веродостојни извори на информации, да разговараме со нив за сликите и пораките што ги гледаат, да го чуеме нивното мислење за одредена содржина, да разговараме со нив за тоа дали некогаш се случило да видат или слушнат нешто што мислеле дека е вистинито, а потоа сфатиле дека е неточно и тн. Кои прашања за содржината треба да постават? Способноста да се размислува критички и да се процени дали некоја содржина е релевантна, вистинита и вредна за споделување подразбира поголем степен на медиумска писменост кај поединецот (возрасен или дете).

Потреба од медиумската писменост да заземе свое место во образовниот процес 

Како медиумската писменост им помага на децата? Во дигиталната ера, кога технологијата веќе го зазема приматот на најважен учител и извор на добивање на информации, медиумската писменост е суштинска вештина која на нашите деца им овозможува да бидат: -Критички настроени. Да научат да размислуваат критички и да прават проценка на информациите и содржините кои стигнуваат до нив. Логички да пристапуваат кон содржините и да го откриваат клучните пораки во нив. Да научат да носат сопствени одлуки засновани врз факти и знаење . -Паметни корисници на производи и информации. Медиумската писменост им помага на децата да утврдат дали нешто е веродостојно и дали некој има намера да им наметне или продаде нешто. -Можат да ја проценат перспективата на другиот. Секој креатор на содржини има своја перспектива, а способноста да ја идентификуваат гледната точка на авторот на содржината им помага генерално во животот да ги согледуваат различните перспективи на реалноста. -Одговорни креатори на содржини. Да ја препознаат својата перспектива, да го изразуваат одговорно своето мислење и да се свесни дека нивните пораки имаат влијание врз другите. -Да го проценат влијанието на медиумите врз нивните животи. Преку вестите за познати личности, мемиња, насловни страни на списанија, медиумите постојано испраќаат пораки, влијаат на нашето однесување, мислење и однесување, а со тоа и на целата наша реалност. Медиумската писменост им помага на децата да развијат отпорност од негативното влијание на медиумските содржини.

Примена на медиумската писменост во сите области на животот

Денешните родителски обврски бараат ангажирање и вклученост во она што децата го восприемаат преку медиумите повеќе од кога било претходно. Читањето книги и поттикнувањето разговор за ликовите, приказната, тоа што е интересно и возбудливо во неа, пораката што може да се извлече од текстот, е одлична практика што може да се примени и при користењето на другите видови медиуми, особено дигиталните. Оваа практика не значи само родителски надзор и поставување ограничувања и правила за тоа што смее или не смее да прави или да гледа детето. Оваа практика подразбира дека родителот треба постојано да има добра комуникација со детето и да води разговор за тоа како детето треба да пристапува кон содржината што ја гледа, односно како да размислува за тоа дали таа содржина е „добра или лоша“. Оваа поедноставена дихотомија за „доброто или лошото“ , значи едноставно посочување на она што можеби е проблематично во содржината (насилство, навреди, лаги, стереотипи, дискриминација, навредување, малтретирање итн.) или на она што може да се научи од истата (другарство, разбирање, помагање, прифаќање итн.). Постојаното водење разговор со детето за содржината што се претставува на одреден медиум, за тоа какви информации можат да се извлечат и кои прашања треба да се постават за содржината да ни стане појасна, е од исклучително значење.

Затоа не ја занемарувајте важноста на медиумската писменост, таа е основа за здраво функционирање на секој еден поединец во општеството.

 

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.