На 18 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетот „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од
безвременскиот роман на Г. Флобер. Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу
копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна
и денес.
Диригент на изведбата е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата ја
потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува
духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од
дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих
Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина).
Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист –
Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже,
заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и
сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија,
постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените
ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната
длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи
незаборавно сценско искуство.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.



































