Со претставата „Лимениот барабан“ во режија на Васил Христов, а во изведба на Југословенско драмско позориште од Белград, ќе биде отворено јубилејното издание на овој реномиран фестивал.
„Лимениот барабан“ е антологиското дело на германскиот нобеловец Гинтер Грас.
„Југословенско драмско позориште низ овие 50 години, повеќе од десетина пати бил на репертоарот на МОТ, но привилегија е годинава што тројца наши автори го создаваат ова драмско парче и ќе ги гледаме на отворањето во „Лимениот барабан“, Никола Коџобашија, автор на музика, Костантин Трпеноски, автор на сценографија и Васил Христов – режија, кој како белградски студент на ФДУ, после 30 години се враќа на таа сцена со свое дело“, изјави Русе Арсов од тимот на МКЦ.
Претставата ги спои овие домашни автори. „Лимениот барабан е моја прва соработка со Васил Христов и со Југословенско драмско позориште, и беше посебна од различни аспекти. Визуелниот израз на претставата е минималистички и знаковен, со елементи кои имаат јасна функција и смисловност. Токму во тоа беше и сценографскиот предизвик: во дисциплината на редукцијата, прецизноста на деталите и „невидливоста“ на механизмите, преку кои се одвиваат сценските трансформации“, вели Костантин Трпеноски како автор на сценографијата.
Изложбата претставува пресек од петнаесет сценски дизајни, кои ќе бидат прикажани како дел од привремена уметничка инсталација и придружени со музички теми од претставите. Уметничката инсталација го преобликува постоечкиот простор, третирајќи го истиот како медиум, притоа нудејќи можност за лично доживување и интерпретација кај посетителот. Во изборот се и сценографиите за претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, потенцира Трпеноски.

































