На 27 октомври, точно на пладне, во Кинотека ќе се одржи блу-реј промоција на македонскиот филм „Мис Стон“ од познатиот режисер Жика Митровиќ изработен во далечната 1958 година.
Денот 27 октомври е посветен на зачувувањето и афирмацијата на филмското и аудиовизуелното културно богатство ширум светот, а го прославуваат архиви, кинотеки, филмски музеи и институти со разни активности и настани.
Инаку, до крајот на октомври во вечерните термини ќе бидат прикажани филмски наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат значајни јубилеи.
На репертоарот од 27 до 31 октомври ќе се најдат: „Денови на искушение“, „Волчја ноќ“, „Оловна бригада“, „Контакт“, „Ангели на отпад“, „Јад“ и „Време, води“.
Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day for Audiovisual Heritage) е востановен во чест на усвојувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на Генералното собрание на УНЕСКО во 1980 година.
Со своето учество, Кинотеката уште еднаш ја потврдува својата мисија – зачувување, негување и промоција на богатото македонско филмско наследство.



