Објавена книгата “Детски мечти” на Лили Арсова 

59

Во медијатеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“во Велес, во соработка со клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, на 2 април Светскиот ден на литературата за деца беше промовирана книгата „Детски мечти“ од велешката авторка Лили Арсова.

Промоторот на книгата проф. д-р Васил Тоциновски даде критички осврт кон содржината на книгата и топло им ја препорача на детските читатели и ѝ посака на авторката понатамошни успеси во идните нејзини творештва. „Новата книга на Арсова е концепт кој нуди седум приказни, бајки, за седум дена, или за секој ден од седмицата по една. Во книгата централна личност е детето, кој е секундарна појава, бидејќи се околу него е главната тема која ја интересира авторката.

Книгата „Детски мечти“ тематски ги потврдува и естетски ги доградува/збогатува достоинствата на творечкиот опус на Лили Арсова. Станува збор за автор чии поетски, прозни и драмски текстови за деца и младинци поседуваат точна одредница за автохтоно творештво со идентификувана поетика. Новата книга Детски мечти закитена со признанието Пелистерски ракувања се нова вредносна потврда и во жанровската тенденција вградена во содржината на еден своевиден проект од авторски приказни и бајки кон кои покажува посебни љубов и приврзаност за секако една од најчитаната и омилена лектира од прозната форма во книжевноста. Тоа прецизно го има и назначено и во делата „Приказни крај воденичните камења“ (2015) и „Приказни од мојот крај“(2018) што ќе биде и нејзина уверлива творечка идентификација.

Содржината на книгата ја составуват седум приказни и бајки. Како да нѐ донесува до магијата на приказните од илјада и една ноќ, до некогашните македонски радио сто и една приказна, и сега седум текстови или поточно по еден наратив за секој ден/ноќ во тектот на една седмица/недела. Нивно нераскинливо и впечатливо достоинство се највозвишените и трајни димензии на љубов, почит, разбирање, доверба, соработка и секако простување како егзистенцијални димензии и пораки, ненаметливо како по некое ненапишано правило во поента на мислата и пораката/текстот. Детските мечти на Арсова можат да бидат именувани и како книга за пријателството што ниту се купува, ни се продава, туку како како најубаво цвеќе катадневно се негува, одржува и се дарува меѓу луѓето и во животот. Таа посебно внимание обрнува кон топлината и грижата за домот и семејството, за детето и природата, како да дефинира дека човекот и природата се едно и единствено големо семејство, до возвишеноста на авторскиот стремеж за лирска проза во која што секој збор и реченица ја имаат мислата и смислата за љубов, пријателство, дружба и доверба. Тоа потсетува на онаа крилатица оти човекот не е човек по тоа што ќе го каже, туку по тоа што било сознаено и премолчено, и по него не остануваат убавите зборови, туку тоа се само неговите добри и големи дела.

Детските емоции силно се чувствуваа од настапот на учениците од четврто одделение од ООУ „Блаже Конески“-Велес, под менторство на Лидија Атанасовска и Орданка Крстевска, кои имаа драмска изведба на расказите од текстовите „Црвената роза“ и Бубамарата бела“.

Ученици од петто одделени од ООУ „Васил Главинов“- Велес, под менторство на Елена Клемова, пак, одиграа драматизиран текст од расказот „Танцот на пеперутките“.

Промоцијата беше проследена од многубројна публика од ученици и граѓани, кои со внимание ги проследија драмските настапи и беа воодушевени од оваа несекојдневна промоција.

Книгата „Детски мечти“ од Лили Арсова е вредносна и корисна лектира и за деца и за возрасни. Таа е прилог повеќе за „Малиот принц“, оти литературата не се дели според возраста на читателите, туку според естетските вредности на делото. Веруваме дека таа ќе биде примамливо четиво за добар ден или за добра ноќ. Книга што ќе се чита и препрочитува – велат од издавачката куќа „Дата песнопој“, која ја издаде оваа книга КНИГА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВОТО.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.