Книгата „Исти очи“ од Горјан Петревски на Тринаесеттата Европска Ноќ на Литературата

25

Триnаесеттата Европска ноќ на литературата ќе се одржи на 25 септември 2024 година, а литературни дела ќе се читаат во десет градови во Бугарија во нетипични пространства за литературата. Настанот во Софија ќе се одржи меѓу 18:00 и 21:30 часот на локации за читање (читателски гнезда) и во рок од три и половина часа ќе читаат актери, новинари, преведувачи, музичари, автори.
На настанот посветен на европската литература, Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија, ќе учествува со презентација на книгата „Исти очи“ од македонскиот писател Горјан Петревски која во Бугарија излезе од печат оваа 2024 година, како издание на издавачката куќа „Изида“. Посетителите на македонското читателско гнездо ќе имаат можност да слушнат извадоци од книгата „Исти очи“ од актерот и режисер Ѓорѓи Георгиев – Антика и актерот Игор Дамјанов, кои ќе се погрижат и за забавната и возбудлива атмосфера.
Македонското читателско гнездо (ул. „6-ти септември“ 8) е дел од мрежата на блиски локации за читање, каде ќе бидат претставени 19 книги од 19 земји. Извадоци од книгите се избираат од амбасадите и културните институти на европските земји, а публиката може да креира сопствена маршрута според нивните лични преференции за европските јазици, писатели, читатели или локациите каде што се одржува настанот.
Авторите од чии книги ќе слушнеме извадоци годинава се: Умберто Еко, проф. д-р Божидар Манов, Софи Рајер, Колм Тоибин, Горјан Петревски, Анелиз Вербеке, Дагмар Лојполд, Жозе Родригеш душ Сантуш, Петер Хјог, Ана Волц, Горан Војнович, Костас Маврудис и Урсула Фосколу, Хуан Хозе Милјас и Хуан Луис Арзуага, Елеонор Катон, Павел Хуле, Викторија Амелина, Атила Бартиш, Мирженка Чехова и Етјен Барилие.
Тројца од нив- Божидар Манов, Дагмар Лојполд и Горјан Петревски- ќе бидат лично на читањата. Целосни информации за избраните книги, каде, кој и што се чита ќе најдете на веб-страницата на иницијативата www.noshtnaliteraturata.com.
„Ноќ на литературата“ е иницијатива на чешките центри низ светот и има за цел да ја популаризира современата европска поезија и проза преку нестандардни читања на извадоци од преведени книги на нетипични и неочекувани места. Во Бугарија се одржува од 2012 година.
Организатори на тринаесеттото издание на „Ноќ на литературата“ се општина Софија, ЕУНИК, Фондацијата „Читај Софија“, Австриска амбасада Софија, Амбасада на Белгија, Гете-институт Бугарија, Амбасада на Грција во Софија, Амбасада на Данска во Бугарија, Амбасада на Ирска, Институт Сервантес- Софија, Италијански културен институт, Британски совет Бугарија, Полски институт во Софија, Институт Камоиш Софија, Културно- информативен центар на Република Северна Македонија во Софија и Амбасада на Република Северна Македонија, Амбасада на Словенија во Софија , Амбасада на Украина, Институт Лист- Унгарски културен институт, Софија, Чешки центар Софија, Амбасада на Швајцарија во Бугарија, Фондација „Детски книги“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.