Националната опера и балет ќе ја отвори сезоната со моќната и возбудлива сценска кантата „Кармина бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, на 16 октомври 2024 со почеток во 20.00 часот. Билетите се распродадени.
Публиката ќе може да ужива на средба со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот.
Диригент на претставата е Иван Еминовиќ, кореографијата и либретото се на Кан Арслан од Турција, сценограф е Миодраг Табачки (Србија), костимограф на балет, Гизем Бетил (Турција), костимограф на опера, Елена Дончева, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ, концерт–мајстор е Верица Ламбевска, а репетитори на балетот се: Горан Божинов, Володимир Борисов (Украина), Кире Павлов, Дафина Данилоска Кочевска, Саша Евтимова, Бобан Ковачевски.
Ќе настапат оперските солисти: Наде Талевска (сопран), Благој Нацоски (баритон) и Денис Димоски (контра-тенор).
Балетските солисти: Марија Кичевска Шокаровска, Христина Наќевска, Наташа Трендафилова Гицев, Франциско Хименез Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија) заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Моќната и возбудлива, кантатата на Орф ја освои публиката уште на првата изведба во операта во Франкфурт во 1937 година, оттогаш со години го привлекува вниманието како на режисерите и кореографите, така и на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар.
„Кармина бурана“ од Карл Орф на 16 октомври со почеток во Опера
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.