Киро Донев го објави романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“

18

На 12.09.2024 во организација на Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија, се одржа промоција на најновата книга на Киро Донев- романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“. Промоцијата се одржа во Основното училиште „Владо Кантарџиев“, а промотор беше Ацо Ѓоргиев, кој е и автор на поговорот на книгата. Романот е илустриран со цртежи на Славица Купенкова.

Приказната во романот се случува меѓу сонот и јавето. Се одвива во едно планинско село во коешто кај своите баба и дедо доаѓаат две внучиња за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И, токму од тука, почнува и нивната авантура. Покрај топчето наоѓа и една- училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме – дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè понерешлива…

Во поговорот Ацо Ѓоргиев пишува:

„Како и вообичаено, и овојпат Киро Донев настаните во приказната тој ги сместува во кругот на семејството, каде е неминовна хиерархијата, посочувајќи му на детето – читател, дека сè во животот започнува и завршува со семејното огниште.

Стилот и јазикот, облеката на зборовите, хумористичната интонација и гледајќи на сè околу себе со очите на детето – Донев и овојпат како и многу пати пред тоа, од дело до дело, од книга до книга, се надминува себеси, внесувајќи нешто ново, што досега не им го кажал на своите читатели, па овојпат со `Дневникот од штрковото гнездо`, тој воведува нова игра што се одвива меѓу сонот и јавето…“

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазиции тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.