Велешки театар: Претставата “Мац, мац!” на 26 април

11

Претставата “Мац, мац!” е најновиот авторски проект на режисерот, работена по мотиви на “Мачка на вжештен лимен покрив” на Тенеси Вилијамс и се заснова на физички и танцов театар, како и на пост-драмски стил на изразување. Проектот е добитник на престижниот Фонд за интернационална копродукција на Гете институтот, кој прв пат финансира македонски продукции и се јавува како главен финансиер на проектот, како и Министерството за култура на С. Македонија. Во претставата за прв пат ќе настапат една гарда на млади актери, а вклучени се и ко-продуценти од Косово и Германија.
Мац, мац!

Краток опис на настанот: Премиерата на претставата “Мац,мац” која е работена по мотиви на „Мачка на вжештен лимен покрив” од Тенеси Вилијамс, а во режија и кореографија на Филип Петковски и ко-продукција на Пресврт, Театар “Ј.Х.К. Џинот”- Велес, како и германскиот Гете институт ќе се случи на 26.4.2024 година во Велешкиот театар. Целта на овој проект е да го афирмира постдрамскиот стил на изразување преку поставување на современи американски драми како и промоција на физичкиот театар преку колаборативен процес базиран на импровизации и телесно изразување. Преку интердисциплинарна соработка и промоција на млади танчери и актери, проектот создава уникатен сценски продукт кој провоцира и ги покрева темите поврзани со семејни врски, хомофобијата, патријархатот, немоќноста и алчноста, кои длабоко одекнуваат со предизвиците и сложеноста на светот во кој живееме денес.

Од режисерот: “Љубопитноста ја убила мачката” гласи англиската изрека, но сепак, не е сѐ така како што изгледа, бидејќи мачките се познати и по тоа што имаат девет животи. Инспирирана од “Мачка на вжештен лимен покрив” на Тенеси Вилијамс, овој проект се служи само со главното дејство на драмата како појдовна точка, но се стреми дополнително да ги истражи приказните, ликовите и скриените пораки кои авторот само накусо ги споменува во своето дело. Вилијамс, иако бил ограничен поради општествените стигматизации во текот на 50-тите години од минатиот век, но и свесен за цензурата на која требал да се потчини за да ја зачува својата кариера како драматург, сепак, успешно инсинуира неколку теми што ги вметнува како позадински дејствија во своите драми. Имајќи го тоа предвид, тој алудира на ликови и ситуации што во тоа време би биле третирани како проблематични. Речиси седумдесет години по премиерната изведба на драмата, нашето општество успеа да надмине бројни културолошки и општествени ограничувања, па се чини дека веќе имаме видено и чуено сѐ, но сепак, патријархалното и хетеронормативното општество во кое живееме и понатаму ги диктира нормите околу тоа што го сметаме како табу. Во текстот на Вилијамс, мачката Меги, која е главниот протагонист, му се заканува на својот сопруг Брик, дека ќе скокне од покривот, доколку тој продолжи да ја игнорира нејзината љубов за него. Во ова видување, на Меги ѝ се придружува целата фамилија на жешкиот лимен покрив и тие свесно решаваат да се изгорат, бидејќи ако скокнат од покривот, ќе паднат помеѓу “обичните” луѓе од коишто всушност, се плашат. Наместо да скокнат, тие наоѓаат задоволство во неподносливите неудобност и болка, само по цена да останат на врвот. Опседнати со нивниот изглед, социјален статус и богатство, тие секојдневно ги слават нивните навидум совршени животи, барајќи удобност во дрогата и алкохолот за да ја надминат грдотијата на светот во кој живеат. Додека континуирано танцуваат за да ја скријат својата болка, ги согледуваме нивните испреплетени врски. Во “Мац, мац” нашите сексуално напалени, налудничави и длабоко вознемирувачки ликови, ја залажуваат мачката да дојде за да си играат со неа, симболизирајќи ја опседнатоста на нашето општество за инстантно задоволство. Затоа, ако сте “мачка,” мјаукајте додека не ве забележат и не ве пуштат да влезете, но, како и секогаш, чувајте се од кучињата кои ве чекаат да ви го уништат денот.

Играат:

Ведран Чешарек- Брик

Ана Јовановска- Меги мачката

Илин Јовановски- Скипер

Васил Зафирчев- Биг Деди

Кети Борисовска- Биг Мама

Филип Христовски- Гупер

Сандра Танчева- Меј

Режија и кореографија: Филип Петковски

Музика: Мориц Вернер (Германија)

Сценографија: Дардан Жегрова (Косово) и Филип Петковски

Костимографија: Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска

Светлосен дизајн: Милчо Александров

Танцов репетитор: Стефани Шаршмидт (Германија)

Фотографија и камера: Марко Марјановиќ

Монтажа: Борјан Стојков

Визуелен дизајн: Ивана Мојсовска Головска

Продукциски координатор: Петар Антевски

Извршни продуценти: Филип Петковски, Мориц Вернер, Дардан Жегрова и Стефани Шаршмидт

Техничка ко-продукција: Гете институтот (Фонд за интернационална копродукција), Пресврт и Театар ЈХК Џинот- Велес.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура на Северна Македонија.

Автор на фотографиите е Марко Марјановиќ.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.