Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Штип, при работната посета на институциите од областа на културата заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, истакна дека градот под Исарот покажува успешно работење во културата и негувањето на автентичните културни вредности. Министерството за култура ќе продолжи да вложува во културата во Штип, да создава услови и поволна клима за нејзин развој.
– Владата и Министерството за култура се свесни дека културата нè дефинира како народ и го зајакнува нашето чувство за припадност. Културата е инвестиција во нашата потпора – рече министерката Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека Министерството за култура континуирано, секоја година, ја зголемува поддршката за проекти што се од национален и државен интерес.
– Во Штип годинава, за функционирањето на трите национални установи (Центар за култура, Завод и музеј и Универзитетска библиотека) се издвоени над 78 милиони денари, додека за програмските содржини се вложени повеќе од осум милиони денари – изјави министерката при посетата на Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.
Костадиновска- Стојчевска нагласи дека сите проекти што се предвидени во програмите на националните установи во Штип се реализираат тековно, а, како што рече, од огромна важност е што се реализираат проекти и инвестиции со сопствени средства, со што се демонстрира домаќинско работење и менаџерски однос во културата.
Во изјавата за медиумите, министерката за култура истакна дека Министерството за култура вложува во библиотечната дејност и за оваа установа годинава се обезбедени речиси 18 милиони денари, од кои над милион денари за програмски активости.
– Штипската библиотека прави големи напори за доближување на книгата до домот на секој корисник преку подвижната библиотека „Инфобус“ и преку активностите наменети за лицата со посебни потреби – истакна Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека библиотечната дејност во овој град успешно се унапредува преку многубројни проекти, како и преку настаните со кои се одбележа 100-годишнината од раѓањето на нашиот поетски великан, Ацо Шопов, кој е роден токму во Штип.
Костадиновска- Стојчевска потсети дека во последните три години над шест милиони денари се вложени во инвестиции во објектот на Центарот за култура во Штип, буџетски средства и сопствени приходи на институцијата.
− Сакам да напомнам дека градот Штип се гордее што токму овде функционира првата културна институција со сончева централа на покривот. Центарот за култура „Ацо Шопов“, преку проектот „Енергетски ХАБ“, покажа дека е вистински пример за успешно јавно-приватно партнерство. Резултатите од овој проект се помали сметки за струја, подобри услови при следењето и создавањето на културните настани и, секако, придонес за почиста и здрава животна средина во Штип. Ваквите иницијативи се за поздравување и треба да ги следат и другите установи од областа на културата − изјави Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека грижата за подобрување на условите за функционирање на нашите национални установи продолжува.
Министерката за култура го поздрави и успешното функционирање на првата регионална канцеларија „МладиХаб“ во Штип, која се наоѓа во објектот на Центарот за култура.
– Веруваме дека младите и нашите институции од областа на културата се силно фокусирани кон профилирање и градење на нивните творечки и уметнички капацитети– додаде таа.
Костадиновска- Стојчевска се осврна и на заштитата на нашето археолошко, архивско, архитектонско богатство градено со векови, за кое рече дека континуирано е поддржано од Министерството за култура.
– Вложуваме и во заштитата на културното наследство. Се грижиме за нашето антифашистичко културно наследство. Ветивме и го саниравме Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип, искучително значајно дело од архитектот Богдан Богдановиќ, еден од најпознатите архитекти на дваесеттиот век – рече Костадиновска-Стојчевска.