Почетна КУЛТУРА Литература Фестивал на современа македонска книжевност во Македонскиот КИЦ во Загреб

Фестивал на современа македонска книжевност во Македонскиот КИЦ во Загреб

Од 05 ноември во 07 ноември 2025 година, во Македонскиот КИЦ во Загреб, Хрватска, ќе се одржи првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност кое е  дел од Годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, а поддржан од Министерството за култура и туризам.

Фестивалот на современа македонска книжевност ќе опфаќа повеќе активности (промоции на книги, изложба, портрети на писатели и трибина) и ќе трае три дена.

Македонскиот КИЦ во Загреб, во рамките на својата Годишна програма, а во соработка со реномираната македонска издавачка куќа ,,Македоника литера“ од Скопје, од оваа година востановува книжевен фестивал кој треба да придонесе за афирмација и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, а посебно на соработката на полето на книжевноста. Фестивалот ќе отвора нови можности за континуирано (годишно) претставување на современата македонска книжевност, македонската издавачка дејност, македонски писатели, издавачки куќи, како и на македонско-хрватските релации и за застапеноста на хрватските автори на македонски јазик и на македонските автори на хрватски јазик во издавачката дејност.

На првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност ќе учествуваат македонски и хрватски еминентни и реномирани автори, преведувачи, уредници и издавачи. Во рамките на годинашната фестивалска програма, на отворањето ќе биде поставена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, а која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност. Во присуство на авторите ќе бидат промовирани и книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик.

Во наредните фестивалски денови ќе бидат претставени изданијата: К. Рацин: „Бели мугри“ – фототипно издание, македонското издание на книгата на акад. Горан Калоѓера: „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“, книгата раскази „Ви раскажував ли?“ од проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, а ќе се одржи и трибина на тема Македонско-хрватските културни врски низ призмата на книжевниот превод. За последната вечер на Фестивалот е предвидена средба со познатите и најчитаните хрватски писателки за деца Сања Пилиќ и Силвија Шесто и претставување на нивните книги „За мајките сè најдобро“ и „Ванда“, преведени на македонски јазик и неодамна публикувани од „Македоника литера“.

 

 

metropolis-big