Синоќа свечено се отворија СВП 2022

51
Со музичко-поетски перформанс на „Т’га за југ“ во изведба на бендот „Пијан Славеј“ и традиционалното палење на поетскиот оган вечерва свечено се отвори 61. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“.

Манифестацијата се отвори на летната тераса на хотелот „Дрим“ во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор.

Вечерта ја отвори поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска, која имаше наративно излагање, ставајќи акцент на поетската историја на фестивалот.

– Од далечната 1961 година кога врвни поети и писатели ја зачнаа оваа поетска дружба, поезијата стана патоказ за многу млади луѓе. Секоја трета личност е поетеса, е поет, така што сега вие сте во Земјата на поезијата. Големиот македонски поет Матеја Матевски во една прилика, кога се зборуваше за СВП, рече дека оваа манифестација е толку единствена и храбра што може да преживее сѐ. Тоа се потврди во сите овие изминати години. Генерации творци од Македонија, од сите земји од Европа и други континети во темните ноќи на небото над Струга, сјаат нивните ѕвезди и го слушаат одекот на нивните песни. Тие одеци само ни велат дека поезијата живее за да укажува, да помага таму каде е затворено, да отвара. Вековите не можеле да живеат без говорот на поезијата. Но дали сега, денес може оваа магија да го напрви невозможното, возможно – рече Михаилова Бошнакоска.

Таа говореше за возбудата со која ја прифатила поканата за да ги отвори „Струшките вечери на поезијата“, потсетувајќи се на нејзините први гостувања на манифестацијата.

– Поканата ја прифатив со возбуда и задоволсто затоа што тоа ме врати во времето кога бев присутна, пред многу години на првите „Струшки вечери на поезијата“. Бев најмладата учесничка. Тогаш ги видов сите оние поети кои денес ја сочинуваат класиката на македонската поезија. Единствена жена поетеса беше, Даница Ручигај, убава, самоуверена, со свест на она што е. Но трагично го загуби животот во скопскиот земјотрес во 1964 година. Од тогаш поминаа многу години за СВП, но и за мене. Македонската поезија беше ексклузивитет. Денес таа е етаблирана и прифатена безмалу во целиот свет. Така што учеството на СВП е привилегија и не само за македонските поети, но и за поетите од целиот свет – истакна Михаилова Бошнакоска.

Свое обраќање имаше и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, која го прогласи фестивалот и официјално за отворен.

– Младите, за жал, сė помалку читаат. Ги нарекуваат генерации на слики, а не на зборови. И, за жал, воопшто, како сите сė помалку да комуницираме и сė помалку да зборуваме. Најубавите зборови од мајчините јазици ги заменуваме со „емотикони“. А каде е зборот, каде се чувствата?! Дали имаме страв од Платоновата мисла дека „поезијата е поблиску до вистината отколку историјата“?! Или постои ли извесен „страв од поезијата зашто таа е соочување со самиот себе“?! Да. Ние веќе поинаку комуницираме и со другите, но и со себеси. Каква е таа комуникација? Затоа, „Струшките вечери на поезијата“ се отрезнувачка опомена, а поетите се наши исцелители. Кој знае колку пати во нивните зборови сме нашле утеха и одговор. Тие зборови кои нас нѐ лекуваат, се нивната болка опишана и запишана низ најубави зборови, во магични стихови. Сите имаме свој југ во срцето, и секогаш таму заминуваме кога ни е таговно во душата. Годинашниот лауреат од Земјата на изгрејсонцето верувам дека добро ја разбира нашата „Т’га за југ“, за тука каде што „зората греит душата и с ‘нце светло зајдвит в гората….сегде божева је хубавина…“ Тоа што нė грее и кога заоѓа, тоа се зборовите на Константин Миладинов, тоа сме ние, тоа е нашето стебло – рече министерката Костадиновска – Стојчевска.

Бендот „Пијан Славеј“ потоа ја изведе нивната песна „Една долга ноќ“, додека девојките од балетското студио „БАХ“ го запалија традиционалниот оган.

Вечерта продолжи со поетското читање Меридијани, на кое настапија повеќмина автори од земјава и од странство.

Во следните фестивалски дена на „Струшките вечери на поезијата“ ќе можат да се чујат 24 поети од странство и 30-тина од државата.

Манифестацијата, која ќе трае до 29 август, се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, со кое се потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.