Кирил Ценевски во “Куќата на славните“ во Кинотеката на Македонија

49

По повод 80 години од неговото раѓање, на 28 јануари 1943 година, Кинотеката на Македонија, во „Куќа на славните“ – ѕидот на кој се поставени фото-портретите на доајените на македонската кинематографија, го постави и портретот на филмскиот режисер и сценарист Кирил Ценевски, кој почина на 17 јуни 2019 година во Скопје.

Кирил Ценевски првпат на игран филм професионално е ангажиран во „Вардар филм“ – Скопје, како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“, од 1970 година, а веќе следната 1971 година Ценевски го режира дебитантскиот игран филм „Црно семе“, неговото најпознато остварување и без сомнение еден од најзначајните филмови во историјата на македонската кинематографија воопшто.

За „Црно семе“, филм што ја раскажува приказната за македонските заточеници на пустиот грчки остров за време на Граѓанската војна во Грција, Ценевски добива повеќе награди на најзначајните фестивали во тогашна Југославија, а е и прв македонски игран филм повеќекратно наградуван на интернационални филмски фестивали: „Златна арена“ за режија на најзначајниот југословенски фестивалот во таа епоха – Пулскиот филмски фестивал; „Златен венец“ за најдобар режисер дебитант, исто така во Пула; „Жар птица“ за најдобар режисер дебитант на фестивалот во Москва; „Златен Лачено“ за режија во Авелино; македонската републичка награда „11 Октомври“, а бил и југословенски кандидат за „Оскар“ во 1972 година.

По извонредниот успех на „Црно семе“, четири години подоцна, во 1975 година, повторно во продукција на „Вардар филм”, следува уште едно врвно остварување на Ценевски, кој воедно е и сценарист на филмот, филмскиот спектакл „Јад“, досега единствениот македонски филм со средновековна тематика, за кој добива „Специјална награда“ во Карлови Вари.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.