Шеста сесија на Филмската училница: Трите раѓања на филмот

115

На 4 декември (сабота) во Кинотеката се одржа шестата сесија од втората сезона на проектот Филмска училница. Темата во фокусот на оваа сесија беше раѓањето на филмот во три фази: од сценарио, преку снимање, до неговата монтажа.
Учесниците во работата на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА и нивната менторка, филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева, разговараа за трите фази во кои настанува филмот од идејата до неговата реализација. Тие три раѓања на филмот како уметничко дело, најпрвин низ фазата на пишување сценарио, потоа низ снимањето, и на крајот во фазата на монтажа, беа разгледани низ примерот на филмот ОЛОВНА БРИГАДА на режисерот Кирил Ценевски. Пред да го погледнат филмот учесиците во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА имаа можност да ги видат артефактите врзани за овој наслов од архивот на Кинотеката, како оригиналното сценарио на филмот, книгата на снимање, работните фотографии, сценографските скици…
ОЛОВНА БРИГАДА е третиот долгометражен игран филм на режисерот Кирил Ценевски по негово сценарио, снимен 1980 година на 35 милиметарска лента во боја, во вајдскрин техника, во траење од 115 минути. Директор на фотографија е Мишо Самоиловски, монтажата е на Спасе Тасевски, со Јовановски Ацо, Спиркоски Благоја – Џумерко, Чевревски Данчо, Дамески Дарко, Џувалековски Илија, Ангеловски Коле, Јовановски Мето, Вујановиќ Миља, Зупчевиќ Миралем, Вуисиќ Павле во главните улоги.

Сторијата на ОЛОВНА БРИГАДА се случува зимно време во една рударска населба. Инженерот Лазар е млад и принципиелен човек кој ги застапува интересите на рударите, и предупредува на несоодветните работни услови на рударите и за нивните малите плати. Во рудникот се откриени нови ретки минерали и тоа предизвикува премногу негативни страсти кај колегите на Лазар и останатите. Во рудникот доаѓа до одрон во еден коп, рударите се фатени во стапица, а причината за несреќата е експлозијата предизвикана од крадците на ретките минерали. Затрупаните рудари се обидуваат да најдат излез од подземните ходници…
Токму монтажерот на овој филм, Спасе Тасевски, беше гостин на шестата сесија на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА и одржа мастерклас пред учесниците. Во разговорот воден од менторката на проектот Марија Џиџева, монтажерот Тасевски говореше за монтажата како занает, професија и филмофилска страст, зачната во неговите тинејџерски години, кога се запознавал со тајните на монтажата во тогаш формираната Македонска телевизија, преку искуствата со монтажата на неколку играни филмови на „Вардар филм“ и други продукциски куќи, до новите тенденции и техники.
Тасевски одговараше на бројните љубопитни прашања на учесниците за разликите на условите кога станува збор за монтажата пред шеесетина години и денес, за авторските сензибилитети на разни режисери, финесите во склопувањето на финалната слика на филмот, како и за предизвиците во неговата богата кариера, која годинава беше чествувана и со наградата „Златен објектив“, признание кое Кинотеката на Р.С. Македонија го доделува секоја година по повод својот роденден на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА е проект наменет за учениците од скопските средни училишта под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева. Учесниците низ десет сесии, кои се одржуваат секоја сабота, имаат можност да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик, да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела, а низ сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА и да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат. На сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА гостуваат предавачи-специјалисти за различни области на филмската уметност и теоријата и историјата на филмот.
Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура. Во реализацијата на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учествуваат Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски, Арсим Лесковица, Кире Велков…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.