„Најубавото момче на светот“ во Кинотека

41

Документарецот што привлече големо внимание на „Санденс“ – „Најубавото момче на светот“ вечерва се прикажува во 18 часот, а утревечер во 20 часот во Кинотеката. Лауреатот на Кан „Меморија“ се прикажува вечерва во 20 часот. Шведско-германско-францускиот документарец „Најубавото момче на светот“ (2021) ќе биде прикажан вечерва (18 часот) и утревечер (20 часот) во Кинотеката. Филмот е според сценарио и режија на Кристина Линдстром и Кристијан Петри. Документарецот доби огромно внимание на ланскиот Фестивал на независен филм „Санденс“ и забележа десетина номинации за награди на останатите филмски фестивали во светот.Во 1971 година, на светската премиера на филмот „Смрт во Венеција“, италијанскиот режисер Лукино Висконти го претставува младиот шведски актер Бјорн Андресен, тогаш 15-годишен, кој го игра волшебно убавото момче Таџио, во кое е вљубен стариот композитор Густав фон Ашенбах во интерпретација на Дирк Богард. Оттогаш трае и сенката на несаканата слава на Андресен, со која се занимава документарецот на Линдстром и Петри.

Во 1970 година Висконти бара актер што ќе го игра Таџио, лик на млад Полјак од аристократско семејство, и го наоѓа во Бјорн Андресен, кој иако млад веќе имал филмско искуство во голем шведски филмски хит „Шведска љубовна приказна“. По успехот на „Смрт во Венеција“ публицитетот што го добил Андресен најмногу бил фокусиран на тоа дали младиот актер во приватниот живот е хомосексуалец, бидејќи Висконти бил еден од најпознатите геј-режисери во филмскиот свет!
Андресен одбивал улоги во хомоеротски филмови и се занимавал со музика (бил школуван на музичка школа во Стокхолм). Снимил неколку поп-хитови кои биле посебно популарни во Јапонија (како и филмот), а јапонските автори на манга стрипови и аниме филмови го користеле неговото лице во нивните анимации.
Филмот е на репертоарот на Кинотека и на 13, 18 и 17 април.
Играниот филм „Меморија“ на Апичатпонг Верасетакул со Тилда Свинтон во главната улога на репертоарот на Кинотеката е вечерва во 20 часот. Тајландскиот автор Верасетакул негува посебна филмска естетика и е своевиден миленик на Канскиот фестивал. Во 2010 година ја освои „Златната палма“ во Кан со „Чичко Бунми кој може да се потсети на неговите минати животи“, а за „Меморија“ ја доби наградата за жирито.Американскиот филм „Ајде, ајде“ на Мајк Милс се прикажува вечерва во 20 часот и утревечер во 18 часот. Играат: Хоакин Феникс, Габи Хофман, Вуди Норман, Скот Мекнери. Филмот на Милс освои десетина награди на филмските фестивали во САД и беше номиниран за БАФТА.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.