Патувачкото кино на „МакеДокс“

47

14 јули 2022

МакеДокс:
“Пристигна оној дел од годината посветен на најубавите, безгрижни летни распусти кај баба на село. Ќе го натовариме нашето магаренце со приказни и ќе се упатиме во прегратките на Беласица и Огражден, да здробиме малку кромид со најпознатите пиперки.
Почнуваме од селото на две реки, Турија, на исток, и Струмица на запад. Продолжуваме во подножјето на Еленица, помеѓу Плавуш и Смрдеш во некогашно Палеокастро, каде се плетеле кошници и печеле грнени садови.
Одиме во зелен спокој каде ќе уживаме во румени домати, лубеници, дињи, но и во праз на кој му е посветен еден цел фестивал во комшии.
Продолжуваме во селото на војводите, „селото на осамената куќа“, комшија на Еднокуќево, а по него кај Босилко. По течението на Гарлиева чешма крај ендемските папрати ќе завршиме со приказните крај водопадите, во селската идила крај чардаците со Габровчани.
Магаренцето ќе носи приказни, но и ќе собира. Ќе собира приказни од правнуците на комитите на југоистокот чии прадедовци ги предизвикале светските медиуми да пишуваат за Македонија со месеци уште во првата година од XX век. Ќе собираме приказни за мравјалниците, блатото, ендемската флора, но и за одекот на македонскиот петвековен крик – приказната за првото модерно киднапирање во светот”.

Распоред на проекции:

18.07. – Пиперево
19.07. – Вељуса
21.07. – Моноспитово
22.07. – Босилово
23.07. – Габрово

*Проекциите се бесплатни и почнуваат во 21 часот.

Во рамки на Патувачкото кино, ќе се одржи и првата сесија од четвртата генерација на школата за млади документаристи „МакеДокс“ – „ДокуНикулци“. На Патувачкото кино тие ќе се запознаат со документарниот филм, ќе развиваат свои приказни, ќе работат на нив во текот на годината и ќе ни ги прикажат на следното издание на фестивалот „МакеДокс“. Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Општина Струмица, Општина Босилово и Општина Василево.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.