„Репресент“ прослави 5 години од постоењето со инклузија на глуви и наглуви лица

14

Скопје, 27 мај 2022

Вчеравечер, на големата сцена во Македонскиот народен театар беше одиграна по кој знае кој пат хит претставата „Не се клади на Енглези“, но за првпат, нивна публика беа глуви и наглуви лица.

Ова несекојневно доживување им го овозможи ПР агенцијата „Репресент“ од Скопје, која одлучи своите 5 години постоење да ги одбележи со програмска активност од општествена одговорност и со инклузија на луѓето со попреченост.

„Голема чест и задоволство е што Сојузот за глуви и наглуви лица во Р.С. Македонија ја прифати нашата покана и што салата беше полна со луѓе, кои докажаа дека уметноста нема и не треба да има граници. Сакавме нашиот роденден да раскаже една поинаква приказна, да биде мотив за целото општество да размислува надвор од грубата рамка. Се најдовме на иста фрекфенција со екипата на „Не се клади на Енглези“ и Македонскиот Народен Театар кои нѝ овозможија хит претставата што со години е на редовен репертоар да ја адаптираме за сите да можат да ја видат и уживаат. Наместо предвидениот буџет да го потрошиме само на коктел со нашите соработници, корпоративни клиенти и пријатели, одлучивме на овие луѓе, кои речиси никогаш досега немале можност да погледнат добра театарска претстава, да им го овозможиме задоволството да уживаат во маестралната и шарматна глума на нашите познати актери: Сашко Коцев, Александар Микиќ и Оливер Митковски. Нашата идеја беше дочекана со воодушевување во Сојузот, а МНТ како наши партнери во реализацијата на овој убав настан ни овозможија достојни услови, сите зеаедно да уживаме во магијата на театарот. Нашата заложба и роденденска желба за „Уметност без граници“ се оствари“, вели Наташа Миркова, генерален менаџер на ПР агенцијата Репресент – Скопје.

Пред полн салон публика од 300тина луѓе, помеѓу кои, поголемиот дел, беа присутни лицата од Сојузот, со обезбедување на професионални преведувачи на говорен јазик, агенцијата го одбележа својот мал, но значаен пет годишен јубилеј под македонското небо, доследно следејќи ја својата визија, која подразбира градење систем, кој ја отсликува важноста на интегрираните комуникации.

Симбиозата од насмеани лица во публиката и духовитата актерска игра на сцената, создаде момент за паметење. И во понатамошните чекори и заложби, Репресент – Скопје продолжува со активно и директно учество во создавањето на подобро општество за сите!

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.