“Македоника литера“ неодамна го објави романот за млади „Ванда“ на хрватската писателка Силвија Шесто која е меѓу најчитаните писатели во Хрватска. Преводот од хрватски јазик е на Славчо Пеев. “Ванда“ е симпатичен и лесно читлив роман, наменет за деца и млади. Заплетот се врти околу едно градско семејство и нивните секојдневни, тривијални проблеми. Во центарот на ова семејство е девојката по име Ванда, која, влегувајќи во пубертет, почнува да го запознава реалниот живот.
На преминот од детска во младешка возраст, Ванда ја открива љубовта, ги доживува своите први разочарувања и сите други проблеми поврзани со заљубувањето. Тоа води до низа компликации, мали недоразбирања и, на крајот, до научена лекција. Ванда ја мачат многу пубертетски проблеми со кои не знае секогаш соодветно да се соочи. Растргната меѓу растењето и половото созревање, од една страна, и
детинестата потреба за внимание и грижа, од друга страна, запаѓа во генерациски несогласувања, во
несреќна заљубеност и се соочува со сознанието дека светот е многу поразличен од тоа како што го замлувала.
Книгата ги следи личните размисли на сите членови на семејството, освен на најмладиот – помладиот брат на Ванда. Главните ликови се претставени преку нивните лични записи (искази), напишани во форма на дневник, односно – секој лик раскажува дел од приказната од свое гледиште. Овие искази се кратки поглавја напишани во прво лице, преку кои читателот има можност да ја погледне истата ситуација од различни перспективи. Тоа се субјективни искуства на секој учесник во приказната. Преку реакциите на учесниците на настанот, се запознава нивниот лик.
Силвија Шесто (1962, Загреб, Хрватска) е афирмирана хрватска писателка за деца и млади. Дипломирала филозофија и литература и завршила Виша тренерска школа. Објавува проза, поезија и драми. Автор на близу 60 книги за деца и млади и на петнаесетина за возрасни, од кои десет романи. Таа има и богат драмски опус. Изведени се петнаесет радиодрами и неколку драми на театарските сцени.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.

































