Врачена наградата на лауреатот Ристановски и свечено промовирана монографијата– 15 години МТФ„Св. Јоаким Осоговски“

9

30.09.2024

Признанието лауреат на 16-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, што се одржува во Крива Паланка, свечено му беше врачено на актерот Никола Ристановски за неговиот особен придонес во театарската уметност во земјава и во странство.
„Чувствувам огромна благодарност. Не само поради името на наградата, поради тоа што сум прват овде, туку затоа што чувствувам еден редок однос, ретка емоција, редок пристап. Не само од општината, градоначалникот, пријателите, туку воопшто од луѓето што за ова кратко време успеав да ги сретнам“, истакна големиот актер по врачувањето на признанието.
Ристановски и е познат на јавноста по бројните и брилијантно одиграни улоги во театарот, филмот и ТВ сериите и е најтрофејниот, најнаградуваниот актер во историјата на македонскиот театар. Тој потенцираше дека професијата актер нема смисла доколку нема потполно давање и дека нејзината суштина е во споделувањето.
„ Во оваа пригода сакам да ги споменам заслужните и познати кривопаланчани како режисерот Кирил Ценевски и апсолутно уште едно големо име на кое многу му должам, актерката Милица Стојанова, кои се дополнителна причина што денеска навистина се чувствувам среќно, па и градиозно и свечено“, рече Ристановски.
За актерското мајсторство на лауреатат говореа актерот Благоја Чоревски и Гоце Ристовски, истакнат публицист, театарски критичар, драмски автор, писател и новинар, кој директно му се обрти на Ристановски:
„Во тебе се собрани сите луѓе на овој свет, и оние што ги нема, и оние што ги има, и оние што допрва ќе дојдат. Тоа го можат само вистинските мајстори-актери. Твојата игра не се темели на гегови, на премногу физичка активност, твојата игра е поема на поет кој ја изразува на сцената или како што велеше Гротовски- Никола Ритановски е длабоко навлезен во тоа дека актерот е светец на сцената“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка му ја честиташе наградата на Ристановски и се осврна на изминатите 15-години создавање театарска уметност и растеж и развој на кривопаланечката сцена.
„Овој фестивал не е само културна манифестација од големо значење за општината и за регионот, туку и вистински празник на уметноста и креативноста. Во изминатите 15 години, „Свети Јоаким Осоговски“ стана светилиште на театарската уметност, место каде што се вкрстуваат идеи, култури и таленти од балканскиот и европски регион. Посебно сме горди кога ќе се осврнеме на 15-годишиот јубилеј и ќе видиме дека оваа скромна сцена не само што се трансформирала во простор на креативност, туку станува и дом на регионалната театарска заедница“, истакна Митовски.
На свеченоста која се одржа во големата сала на општината, беше промовирана и монографијата „Од театар го Балкан без граници“, по повод 15 години „Свети Јоаким Осоговски“, од хроничарот на театарскиот фестивал Гоце Ристовски.
Промоторот на монографијата, Глигор Стојковски, публицист, поет, новинар и издавач, подвлече дека станува збор за „мало чудо“затоа што Крива Паланка нема театар, а веќе 16 години по ред успешно гради меѓународен театарски фестивал.
„Оваа монографија сведочи за брзиот и постојан подем на фестивалот на кој настапиле сите македонски театри, но и театри од регионот. Тука се претставиле со своето актерско мајсторство врвни актерски имиња, а големи актери и драматурзи се носители на наградата лауреат. Авторот Ристовски, пак, се наметнува не само како вонреден литерар, туку и како одличен познавач на историската и културна ризница на својот роден град“, рече Стојковски.
Здружението за промоција на театарската уметност „Театарски фестивал“ од Крива Паланка, признанија врачи и на НУ Центар за култура, Министерството за култура и туризам, како и на поранешните градоначалници Арсенчо Алексовски, иницијатор на тетарскиот фестивал, Борјанчо Мицевски и актуелниот градоначалник Сашко Митовски за особен придонес и развој на театарската уметност во општината.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.