Врачена наградата „Прозарт“ на Интернационалниот литературен фестивал ПРО- ЗА Балкан

Евалд Флисар ” Книгата е оружје што може да го осветли животот 
како сонце, но и да ги повреди оние што не умеат да ја читаат “.
Книгата може да биде опасна и во рацете на некој што не знае 
како да се справи со неа. Голем дел од она што го наоѓаме во книгите, во многу книги, 
може сериозно да го оштети умот. Од друга страна, добро избраната и правилно 
прочитана книга може да свети во животот на една личност како сонце, загревајќи го 
духот и исполнувајќи го со радост и креативност, рече најпреведуваниот словенечки 
писател Евалд Флисар во своето обраќање по повод добивањето на наградата 
„Прозарт“, што му ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА 
Балкан“ синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје.  
Во својот обемен, но и мошне искрен говор, тој се задржа на улогата на книгата во 
време кога, како што забележа, „светот се дави во премногу зборови и премногу книги“Флисар предупреди дека „плевелот на лошите книги“ го загушува просторот за 
креативна и искрена литература, додавајќи дека вистинската борба денес не е меѓу 
авторите, туку меѓу површното пишување и добрите читатели, оние кои знаат да ја 
разликуваат автентичната приказна од безличната продукција. 
-Мора да се бориме против лошите книги со добри читатели – оние што се добро 
начитани, информирани, образовани и што инстинктивно знаат што е добро, а што е 
само подгреана каша. Се плашам дека секоја година има сè помалку и помалку такви 
читатели – истакна Флисар, 
Со овој став ја прошири дебатата за современата литература, заклучувајќи дека 
приказната и митот самите се нашето прибежиште и дополни: Чувството на безбедност, и понатаму најлесно се наоѓа во модерната верзија на митот 
– во романот, драмата, кратката приказна. Во приказната што се раѓа во нашата 
имагинација. 
Завршната вечер на „ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година започна со традиционално читање 
од извадоци од дела на гостите. Српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ прв 
прочита извадок од својата збирка „Ракопис во теракоти“, издание на книжевна 
општина Вршац. Хана Корнети се претстави со извадок од романот „Коса“. Елена 
Алексиева од Бугарија избра пасус од „Читателска група 31“, во издание на „Прозарт 
медиа“, додека македонската авторка Лидија Димковска, пак, читаше извадок од својот роман „Единствен матичен број“ за пребегнатиот Кипарец Никос Авраам и неговата 
ќерка Катерина која трага по неговиот идентитет. Словенката Јана Бауер прочита 
извадок од сликовницата „Ежот добива нов дом“.    
Публиката потоа го проследи читањето од самиот лауреат. Флисар, кој со доза 
симболика, нагласи дека бројот тринаесет му е среќен, па затоа чита од 13. издание на 
својот роман, објавено пред две години. 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.