Македонска филхармонија – Концерт „И тело и душа“ со солистот на пијано Дино Имери

672

Оркестарот на Mакедонската филхармонија, в четврток ќе одржи концерт насловен „И тело и душа“, на кој како солист ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери. Со оркестарот ќе диригира Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата се дела од Бетовен – Концертот за пијано и оркестар бр.5 во Ес-дур и Симфонијата бр.7 во А-дур, оп.92.

Оркестарот во ова дело не е само симфониска, туку совршена придружба на пијаното. Во него Бетовен создава етерични ефекти кои презентираат поинаква категорија од стандардната оркестарација типична за времето во кое бил создаден овој концерт. Соло пијаното ја следи и развива техниката на инструментот со чувство на слобода и брилијантност.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на ФМУ во Скопје со Кум Лауде), како и со проф. Симон Трпчески во чија класа магистрира на само 22 годишна возраст со просек 10 и со почести Кум Лауде.

Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијано фортисимо“, спектакуларен концерт кој поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр.3 од Сергеј Рахмањинов), на фестивали во Цавтат, Франција, Приштина, Австрија…

Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг листата на Третиот Европски Пијано Натпревар одржан во Нормандија, Франција. Во 2010 година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма – проект кој му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со „Фејмс“ оркестарот за снимање на филмска музика. Редовно одржува рецитали, а активен е и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.