Соопштение – Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп објавува отворен повик за учество на второто издание на пичинг-форумот „Драмолетање“, кое ќе се одржи за време на 60. издание на фестивалот во јуни 2026.

По успешното прво издание на форумот „Драмолетање“, кое овозможи простор за афирмација на нови автори и современи драмски текстови, продолжуваме со нов циклус посветен на развивање на македонската современа драма и поврзување на авторите со театарските институции и продукции.

„Драмолетање“ претставува платформа посветена на откривање и поддршка на нови драмски гласови, развивање и презентација на оригинални драмски текстови, поттикнување креативен дијалог меѓу авторите, режисерите и театарските професионалци, како и создавање можности за сценска реализација на нови македонски драми.

На повикот може да се пријават драмски автор(к)и – државјани на Република Северна Македонија со оригинални и неизведени драмски текстови.
Секој автор може да пријави еден драмски текст.
Пријавите треба да содржат:
– Кратка биографија на авторот (до 150 збора);
– Контакт-информации (телефон, е-пошта);
– Краток синопсис/резиме на драмата (до 1 страница);
– Целосниот драмски текст;
– Мотивациско писмо (до 1 страница).

Пријавите се испраќаат на e-пошта: [email protected], со назнака во Subject: „Пријава за Драмолетање 2.0 – [име и презиме на авторот и наслов на драмата]“.
Рокот за пријавување е до 1 март 2026 година. Резултатите од повикот ќе бидат објавени на www.mtf.com.mk најдоцна до 15 мај 2026 година.

Пичинг-форумот ќе се одржи за време на МТФ „Војдан Чернодрински“ (13-14.6.2026). Апликациите ќе бидат оценети од страна на стручна комисија која ќе одбере драми врз основа на нивната оригиналност, релевантност и продукциски потенцијал. Избраните автори ќе имаат можност да учествуваат во менторска подготовка за својата презентација, да ги претстават своите драми пред стручна публика, режисери, драматурзи и продуценти, како и да воспостават контакти за понатамошна продукциска реализација.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.