Говор на омраза во дигиталниот свет

Под поимот „говор на омраза“, генерално се сметаат сите форми на усно или писмено јавно изразување што шири, поттикнува, оправдува или повикува на омраза кон одредена група или нејзини членови, со цел создавање нетолеранција, дискриминација, раздор или поттикнување на насилство.

Говорот на омраза е феномен кој е тесно поврзан со слободата на изразување како еден од основните постулати на функционирањето на демократското општество. Поради оваа причина, истражувањата за оваа проблематика најчесто се потпираат на либералниот концепт на демократијата како доминантна форма на организација на современото општество засновано на репрезентативна демократија, политички плурализам и мултикултурализам, владеење на правото, заштита на слободата на говорот и универзалните човекови права и граѓански слободи.
Со појавата на Интернетот како глобална комуникациска мрежа, ни се обезбедени мноштво канали за комуникација преку компјутерски системи. Поради зголеменото присуство на социјалните мрежи, се зголемува и бројот на различни видови коментари и објави во кои луѓето ги изразуваат своите ставови и идеи, без разлика дали се позитивни или негативни. Сепак, често гледаме коментари во кои изразувањето негативни ставови е изразено како говор на омраза или поттикнува насилство против одредени групи луѓе.

Имено, специфичностите на интернет комуникацијата, овозможија многу поефикасно ширење на сите пораки, па така и на говорот на омраза. Исто така, бидејќи комуникацијата преку интернет често предизвикува поларизација и екстремизам на спротиставени ставови, се добива впечаток дека комуникацијата на интернетот е преплавена со широк спектар на соджини што често се навредливи за многумина, најчесто членови на малцинства, па дури и отворени повици за мобилизација и акција во виртуелен и реален простор против тие групи.

Овој контроверзен облик на јавна комуникација бара одговор и мерки не само од судскиот систем и медиумските регулатори туку и ангажман и одговор на низа други институции и активности – полититички институции и актери, медиуми и комуникациски платформи, граѓанско општество, истражувачки и образовни институции, како и самите траѓани.

 

И покрај преземањето на мерки за сузбивање на ваквиот облик на комуникација, проблемот со говорот на омраза е сеуште присутен во големи размери. Неконзистентноста на различните регулативи што се однесуваат на говорот на омраза и оние што го регулираат интернетот, како и различните пристапи во дефинирањето на говорот на омраза, водат до неефикасност и несоодветност на мерките за негово потиснување во комуникацијата преку интернет. Регулаторната рамка за говор на омраза во онлајн средината е многу поблиску до рамката воспоставена за регулирање на говорот на омраза во традиционалните медиуми.
Спецификите на регулативата, што се однесува на интернетот, во голема мера се поврзани со спецификите на технологијата што ја овозможува оваа форма на комуникација. Имајќи предвид дека целата област на регулирање на интернет содржините сеуште не е целосно адекватно регилирана дури ни на меѓународно ниво, иднината на оваа регулатива зависи од целокупниот развој и меѓународните стандарди во оваа област.

Мартин Матас

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.