Петтиот елемент – Уметност на живеење

Сите сме искусиле дека секојдневниот живот ни е испреплетен со подеми и падови, победи и порази, љубови и таги…

Толку многу работи се вклопуваат во еден обичен човечки живот.
И честопати се жалиме на него. Но, не се откажуваме од она што ни го донесе и што сме го постигнале иако, не ретко,  знаеме да се почувствуваме разочарано.
Живееме упорно и истрајно до самиот крај, надевајќи се дека еден ден сепак ќе биде подобро. И во таа надеж, животот минува за многумина од нас.

Зошто воопшто се раѓаме? Која е целта на нашиот живот? Дали имаме некоја посебна задача, мисија или сме само таму „За рамнотежа меѓу ѕвездите„. Можеме ли да промениме нешто во нашиот живот? Како можеме да си помогнеме себеси, на нашето семејство, на нашата земја?
Низ целото човечко постоење, филозофите, теолозите, сите учени луѓе, но и обичните смртници, постојано си го поставувале ова прашање.

Овде ке го споменам големиот Толстој.

Бидејќи не можел да одговори на прашањето за причината за своите постапки и постоење, во еден период, Толстој ја изгубил волјата за работа и живот. Пресвртот дошол дури кога решил дека нешто треба да се промени – почнувајќи од себе. Сфатил дека одговорите на тие прашања нема да му ги даде разумот, туку самиот живот. Сфатил дека мора да престане да ги следи филозофите кои рационално дошле до заклучок дека животот е всушност бесмислица. Наместо тоа, почнал да бара одговори на своите прашања од луѓе кои го потврдувале неговото значење со сопствениот живот. Почнал да го имитира животот на луѓето на село: работејќи физичка работа, дружејќи се со луѓе од сите општествени групи, поминувајќи повеќе време со своето семејство. Секако направил и мноштво мали промени во секојдневните навики.
Инаку, постојат многу теории, дискусии и мислења. Кој е навистина во право и кој ја знае вистината е тешко да се каже бидејќи нема одговор одозгора (од небото). Веројатно ќе дознаеме еден ден кога смртта ќе нè премести во друга димензија. А дотогаш, мора да размислуваме и да бидеме мудри, но пред сè да живееме најдобро што знаеме и умееме. Сè што нема да научиме и нема да решиме во овој живот, ќе имаме можност да го решиме во следниот или во еден од следните животи. Сите лекции низ кои поминуваме и сè што ни се случува, на многупати може да биде и болно. Животот понекогаш е суров и неправеден. Често се прашуваме зошто ни се случува нешто такво. Можеби затоа што е дел од лекција што треба да ја научиме или затоа што сме направиле нешто погрешно во претходниот живот што треба да го исправиме сега. Ако сме биле неправедни кон некого, ќе ја доживееме неправдата за да видиме како боли и да разбереме зошто тоа не треба да се прави. Сакаме да признаеме или не, учиме само од нашето искуство. Учиме многу повеќе од проблемите отколку од убавите работи што ни ги нуди животот. Се чини дека човекот е создаден така што страдањето го облагородува, а среќата го прави горд, и затоа ни се случуваат тешкотии, неволји и проблеми, затоа што само тие нè учат на нешто. Тешкотиите нè принудуваат да се развиваме на секој начин, дури и материјално. Човек роден во сиромаштија има желба да се издигне од таа средина. Оние родени во благосостојба честопати немаат амбиции бидејќи веќе добиле сè при раѓањето. Тешкотиите и кризите исто така ја зајакнуваат интелигенцијата. Во такви моменти, мора да го напрегнете вашиот ум и вашите „мали сиви клетки„ до крајност за да се спасите, а тоа има поволен ефект врз нивниот развој. Затоа нашиот живот е често тежок и болен. И сè што ни се случува ни се случува со причина, без разлика колку чудни ни се чинат Господовите патишта. Земјата во која живееме, семејството, запишаното во ѕвездиѕе, Кармата… сите тие влијаат на нашиот живот. Колку тогаш можеме и можеме ли воопшто да направиме нешто? Или е најдобро да се помириме со она што ни се случува.
Има една интересна споредба која вели дека нашиот живот е како игра на карти. Картите ни се поделени и мора да играме со нив. Ако знаете како да играте карти, можете да победите дури и кога ви се поделени лоши карти, исто како што некој што не знае како да игра може да изгуби дури и со најдобрите карти. Мора да ја научиш играта на животот. Знај како да го живееш животот. Да живееш живот достоен за човек.
Животот што ќе нè доближи еден чекор до царството небесно е уметноста. Уметноста на живеењето. Уметноста на живеењето е всушност најголемата и најважната уметност што треба да ја совладаме, а на која ниој не нè учи. Некој се раѓа природно талентиран, мудар, подготвен за подеми и падови на животот. Но, такви среќници се малку. Ако веќе не сме биле родени со тој дар во кој се собрани искуствата од минатите векови и сите претходни генерации, тогаш мора да учиме, да прашуваме, да бараме помош… сè за полесно да се движиме по бурната река на животот. Секогаш има некој што може да нè советува и да ни помогне кога сме во неволја ако сме подготвени да побараме помош, да слушаме и учиме.

Мартин Матас

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.