Вечерва „Контемплација со Перт и Шнитке” во Филхармонија

147

Вечерва, четврток 21.10.2021. во 20 часот на програмата е концертот насловен „Контемплација со Перт и Шнитке” на кој како солисти ќе настапат виолинистките Анна Кондратенко и Ева Богоевска. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се Кончерто гросо бр.1 од А.Шнитке, Трисагион од А.Перт и „Малата Данелиада” од Г.Канчели.

***

Анна Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четири годишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О.Марченко и на А.Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година. Како солист и концерт-мајсторна стапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонијата во Новосибирск, Интернационалниот симфониски оркестар (Michigan, USA), Klassische Philharmonie Bonn (Germany), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мајстер-курсеви (кај Z.Bron, D.Zigmondi) и фестивали, меѓу кои,Mozarteum (Austria), Holzhausen Musiktagen (Germany) и др. Таа е победник на многубројни руски и меѓународни натпревари, меѓу кои се Ерденко и Мравински во Русија и Ј.Ниман во Германија. Пред две години го основа квартетот „Филхармонија” од членови на оркестарот на Македонската филхармонија со кои има настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно, работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот наМакедонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестарот на F.A.M.E.’S Project во Скопје.

***

Ева Богоевска е родена 1999 година во Скопје. Почнува да изучува виолина на седумгодишна возраст во класата на проф. Анна Кондратенко. Уште во почетоците на нејзината музичка кариера, победува на меѓународниот фестивал за класична музика „Охридски бисери” и добива покана за два концерта во Братислава, Словачка. На 16-годишна возраст се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како најмлад студент во државата, на отсекот за виолина во класата на проф.Олег Кондратенко, и во 2020 година дипломира со највисок просек – 10. Добитник е на многу државни и меѓународни награди, меѓу кои позначајни се: прва награда на фестивалот „Сан Ремо јуниор” во Италија во 2012 година, потоа луреат од прв степен на реномираниот меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Гран-при наМеѓународниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк каде што како првонаградена реализира концертен настап во Карнеги хол.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.