ДАРКО МАСЛАРКОВСКИ, “ЛЕВИЦА” – Во Аеродром немаме културни домови, театар, кино- тоа ќе го промениме!

404

Појавувањето како носител на советничка листа за Аеродром, не не изненади, познавајќи го неговиот темперамент и вклученост, решителност и желба да се бунтува против неправилностите и елитите.
Дарко Масларковски го знаеме како рапер, режисер, основач на “Пука козметика” заедно со неговиот брат Жарко, организатор на музички настани, а во пресрет на овие локални избори (2021) се ангажира и политички, па оттука интервјуто со него се наметна како неопходно.
*Кога би се истакнувало значењето на културата за еден народ, особено за главниот град, не се сомневам дека имате своја визија како таа би изгледала. Вие сте и директно инволвиран во неа. Што ви беше мотив да се пријавиле за носител на листа на советници?
-Мотив ми е опресијата, окупацијата која се случува на Македонија. Не можев и не смеев повеќе да стојам на страна и да не се вклучам во борбата за ослободување на Македонија и општините од капиталистичко- клиентелистиките елити кои 30 години не ограбуваат и осиромашуваат, ем достоинството ни го изгазија како чергиче за чистење на чевли. Културата е одраз на реалното живеење и отсекогаш како уметник сум стоел на страната на народот и неговото страдање. Култура во Македонија има за елитите и за богаташите, ние од работничката класа имаме само никулец на почетно искуство кое е необременето од финансирање па како такво е мало, невидливо и системски неподдржано, но вистинско и прекрасно.
*Опишете ни го Вашиот генерален концепт и идеите кои ќе ги понудите, од оваа област?

-Во Аеродром иако е една од најнаселените општини која постои 17 години, нема културен центар, нема кино, театар. Тоа е навистина поразително, знаејќи дека тука во Аеродром живеат и творат голем број на Уметници, Артисти, Музичари и културни дејци. Затоа уште со почеток на мандатот жестоко мора да се бориме за овие работи, мора да имаме свои институции за креирање на култура. Друга работа е поддршката на младите културни дејци преку финансирање на нивните проекти и идеи.
*Според Вас, колку од општинскиот буџет годишно би требало да се издвои за таа намена?
-Максимално колку може мора да се одвои за уметност и култура, тоа не е пазар и тезга и килограм компири, некој пат можеби на авторите им е потребно само простор и препознавање, бидејќи самите си ја завршиле претходната работа.

*На Скопје неодложно му треба голем културен центар: модерен, функционален, сенаменски, претставителен. Сите љубители на културата го чувствуваат тоа. Градоначалникот во овој мандат, господинот Петре Шилегов, најави минатата година на премиерата на филмот” Хомо” на покривот на ГТЦ, токму таму да се направи таков стаклен центар, што навистина звучи доста примамливо. Има доста запуштени, а креативно возбудливи простори во Аеродром, кои што заслужуваат да се најдат на културната мапа на градов, на пример, со пренаменување на просторот на Македонски Пошти покажа дека е така, и е полн погодок.
-Тоа ќе биде еден од моите лични проиритети, а вклучен е и во програмата на Левица за Аеродром, сите можни места кои можат да се преадаптираат мора да се стават во функција на граѓаните и секако изградба на МКЦ со кино и сцена за театар. Ние отсекогаш сме биле инкубатор на револуционерни дејци од сите области, само крилја треба за сите Автори лесно да полетаат кон врвот.
*Неизбежно е во еден ваков, сепак релативно мал простор (Град), да се соочуваме и со мешање на културата со квазикултурата. И со тоа, да се расипува убавото. А кај нас мислам сосема и се запоставува супкултурата, која најчесто е двигател и погон на нови идеолошки процеси. Последнава деценија пак урбаната култура е на “мускулите на ентузијасти”. А главен град без урбана култура, го губи својот урбан статус , зарем не? Ве замолувам за Ваша визија околу тоа.
-Квази- културата како ја нараче е капиталистичкиот концепт на поддршка на тоа што ја оглупавува младината и ја претвора во зомби, нека не очекуваат поддршка од нас, ние има да бидеме поткрепа на вистинската народна култура и уметност која се создава од срце и ја храни душата.


*Не може да се избегне и констатацијата дека културата е маргинализирана, од една страна, а и узурпирана од друга, со фактот дека одредени шеми постојано наоѓаат начини како да го земат оној поголем дел од буџетите, а да не направат нешто многу значајно. Како ќе се заштитите од притисоци на луѓе од културата и сцената, поврзани во шеми, врз Вашата работа или врз работата на комисии, институции?
-Лесно ќе се одбраниме од шемаџиите затоа што не сме дел од нивната мрежа и нема да дозволиме да бидеме заловени од истата. Ветувам дека мора да се промени се од корен во делувањето на институциите, тоа е можно само доколку вклучуваме чесни и вредни, непоткупливи луѓе во политика. Промената е нужна и е можна само со Левица.
*Во Аеродром често се случуваат настани. Што би задржале од постоечката културна понуда, а што би менувале?
-Сите досегашни манифестации кои се добри за народната култура и културно издигнување на човекот ќе ги поддржиме, но мора да креираме и нови содржини. Еден фестивал од светски рамки е можен во Аеродром. Сепак инфраструктурата на културни инкубатори е приоритет, бидејќи не е можно без матица (дом) да почне креација на уметност и култура.
*Не е лесно мерливо какво треба да биде распределено финансирањето на културата, но некои параметри мора да се следат. Просто речено, тоа се гледа од самиот факт што потребата на народот за културата прекинала или е значително намалена. Вие, каде го лоцирате проблемот за намалениот интерес?
-Претрупани со кич и шунд не можат да блеснат вистинските дијаманти од нашата општина, постојат знам во голем број, само им треба простор и можност да блеснат, потоа никој ќе нема можност да ги угасне. Токму затоа Општината мора да биде поддржувач и иницијатор на културата и уметноста. Времето е пред нас да покажеме и докажеме дека може и мора поинаку да делува институцијата кон народот. Од училишните секции до професионалните автори и изведувачи, за сите мора да има програма, место и поддршка за развој и делување. Приоритетите се измешани во нашето општество, каде нема профит нема интерес, тоа е жално и не оддржливо, мора да го промениме. Затоа за 17 години немаме култуни домови, театар, кино, затворен базен. Тоа по принцип треба да го направи општината преку своето делување и работа со интегритет, мора да се стави крај на непотизмот во културата и да се даде шанса на квалитетот.

*Според Вас, недостига ли една голема централна културно музичка манифестација, некој фестивал, настан, нешто што ќе му даде силен печат на Вашата општина, и препознатливост?
-Да, недостасува и тоа многу и не само една. Постои голема можност со правилно и чесно работење да се створи манифестација која би била гордост и препознатливост за Аеродром. Тука лежи и можноста за развој на туристичка понуда за општината, ние имаме таква идеа и план за реализација, сепак и за тоа треба време и е процес кој се создава со години, не може да очекуваме од првите години на оддржување да постане огромен фестивал, тоа расте полека како дете и човек, така започнале многу фестивали, од 100 до милионски посетители.
*Скопскиот ноќен градски живот деведесеттите, а и потоа, беше поим за урбана култура. Кои се Вашите најголеми впечатоци од тоа време, што би вратиле повторно од сето тоа, кога би можеле?
-Ноќниот живот во минатото е врзан со нашата младост, можеби и затоа ни делува како најубав и ни недостига. Ако морам да влечам паралела со денес, мислам дека на младите им недостасува директна комуникација и дружење надвор од социјалните мрежи. Убаво ни беше, на улицата и во дружбите со другарите, концертите низ разните местенца кои нудеа шареноликост, од Копакабана, Рекорд, Мкц, Лејди блу и слично. Денес младите се позатворени и интровертни, но верувам дека има групи на младина кои си го возат својот филм, ние исто бевме надвор од шемите.

Валентина Ѓоргиевска Парго

(Текстот е некомерцијален, Редакцијата е отворена за разговор за културата со кандидатите за градоначалници и советнички листи на сите општини кои ќе пројават желба и интерес )

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.