15.11.2024
Учениците и наставниците од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Битола, денеска во просториите на училиштето имаа обука за тоа како да постапат во случај на земјотрес.
Експертите од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) одржаа предавање со симулација на евакуација во случај на земјотрес, со цел средношколците да научат како да се заштитат себеси во првите моменти во случај на земјотрес.
Иако, теоретски за земјотресите учат на часовите по физика и географија, на учениците им се потребни и практични вештини за спасување.
„Од големо значење е соработката со ИЗИИС, бидејќи учениците имаа можност практично, на миг да почувствуваат како треба да се реагира за да се заштитат кога ќе почне тлото да се тресе. Ги добија првичните насоки како да си го спасат животот.“, изјави Лидија Споа, директорка на СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ од Битола.
Модерните градби се отпорни на земјотресите, но опасност сè уште има. Наместо од конструкцијата, опасноста во главно доаѓа од сè што е прицврстено на ѕидовите и таваните во затворените простории, како што се училиштата.
На денешното предавање и симулација во битолската гимназија, учествуваа и експерти од Албанија, Грција и Италија, кои се дел од на проектот Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици (ИСРА), чија цел е да се подигне свеста кај институциите, здравствените власти, училиштата и локалната заедница во пограничниот регион.
„Две години ИЗИИС е вклучен во овој проект за подигнување на свесноста на граѓаните за земјотресите. Од големо значење е размената на искуствата од соседството, во случајов од колегите од Албанија и Грција, но и од Италија.“, изјави Игор Ѓорѓиев, директор на ИЗИИС.
По земјотресот во Загреб, па подоцна во Петриње, хрватските институции имаат извлечено искуство на што треба да се работи за штетите од земјотресот да бидат помали.
„За да имаме правилен одговор во случај на земјотрес, за да поминеме со што помалку жртви или материјална штета, сите чинители во општеството треба да дадат придонес, почнувајќи од највисокото ниво – Владата, па се до граѓанинот како поединец.“, изјави Звонко Сигмунд, професор на Градежен факултет при Универзитетот во Загреб.
Обуката е се одржува во рамки на проектот Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици (ИСРА), на која покрај Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИЗИИС, учествуваа и партнерите од Аристотел универзитетот од Солун, Грција; Фондација Еуцентре од Павија, Италија; Политехнички универзитет од Тирана, Албанија. Проектот е финансиран од Европската комисија.