Вечерва во МСУ ќе биде отворена изложбата “Живко Поповски-живот посветен на архитектурата“

Ретроспективната изложба за Живко Поповски, едно од најзначајните имиња во македонската архитектура, ќе биде отворена, вечерва ( 3 септември 2025 година) во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје.

Оваа изложба претставува прва сеопфатна презентација на животот и делото на Поповски, подготвена врз повеќегодишно истрaжување на проф. д-р Анета Христова – Поповска и проф. д-р Мери Батакоја. Внимателно селектираниот материјал од приватната архива на архитектот, ќе им овозможи на посетителите, да го видат целокупниот опус – оригинални проекти, цртежи, фотографии и видеа, кои за првпат го откриваат спектарот на неговите авторски преокупации и идејни траси.

Изложбата сведочи за безрезервната посветеност на Поповски кон архитектурата, претставувајќи го како личност што својот живот го посвети на неуморното замислување и обликување на просторот.  Архитектонската имагинација на Поповски се прикажува како комплексна и дијалектична – од модернистичка универзалност, преку критички регионализам и грижа за локалното, до рациото и ексцентричноста на неговиот ликовен израз кој гласно зборува и низ современиот постмодерен контекст.

Изложбата ќе може да се посети до 15 октомври 2025 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.