Сите наши сенки, лица и опачини…

39

(кон изложбата „Персона“ од Филип Цакоски (20.4.2022-4.5.2022, НУЦК „Марко
Цепенков“-Прилеп)

Милан Вујаклија, зборот персона го појаснува со поимите личност, особа,
поединец, односно вели дека персона е секое живо битие надарено со способност за слободно и разумно размислување, посакување и дејствување, за разлика од нештата кои се само предмети без волја и разум и немаат свое достоинство.
Личност, персона, поединец, достоинство…. До каде сме со усвојувањето на полнозначноста на овие поими?
Изложбата насловена „Персона“ од вајарот Филип Цакоски, можеме да ја разгледуваме и како своевидно продлабочување на мотивите што го окупираа во претходната негова изложба „Обвивки“, но и како сосема самостоен концепт со нови
перцепции. Со оглед на тоа, што и за изложбата „Обвивки“ ја имав истава задача, ќе се обидам накусо да ги компарирам двете поставки, ставајќи акцент на актуелната изложба.
Ако во првата изложба го увидовме постоењето на кожурците, обвивките и маските, кои не нѝ даваат да дишеме и да се претставиме онакви какви што сме, овде во новите единаесет дела, обвивките полека паѓаат и се отвора можноста да се види личноста со својата посебност и своето достоинство.
Потребо е да се стопи каменот, да падне кожурецот низ процес на растргнување кој
умее да боли и да остави траги и стрии, а потоа процес на прилагодување, адаптирање кон новото ЈАС. Всушнот, тоа е растењето, надминувањето….Змијата го менува својот
кожурец кога ќе порасне нејзиното тело и потоа формира нов…А зошто? За да се
заштити. Така и човекот.
Па така никогаш ништо не е конечно и никогаш не е до крај одгатнато. Во загадочното е магичното. Токму тие недоречености, сенки и интимни катчиња во човековиот ум, во човековиот дух, во умот и во срцето, го прават човекот една комплексна, совршено, несовршена, таинствена и посебна персона.
Но растење и надминување согледуваме и од естетски аспект во делата на Цакоски.
Овојпат тие се подетални, подлабоки, посилни, и заради поголемата пластичност, појасни и повпечатливи. Користејќи повеќе медиуми, бои и начини на работа, ни пренесува една подлабока емоција, посилна мисла и поцеловита порака преку уметничките решенија од „Персона“.
Оваа изложба е една можност да погледнеме во себе(не)совршенството, да навлеземе малку подлабоко во нас и да откриеме колку личности, колку лица и наличја криеме во нас самите. Тоа трагање кон внатрешните светови на самите нас, го обојува животот со
смисла за постоењето.. .Од тие длабочини надоаѓа и уметничкиот порив кој Цакоски го материјализира преку своите дела и го подарува на публиката со цел да овозможи на уметничка наслада, но и да поттикне, да запраша, да замисли, да порача…

Филип Димкоски, поет и новинар

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.