Почетна УМЕТНОСТ Археологија и етнологија Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во посета на Плаошник

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во посета на Плаошник

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска (12.7.2024 г.) престојува во Охрид каде што ќе се обрати на отворањето на 64. издание на Фестивалот „Охридско лето“.

Во рамките на престојот во Охрид, министерот Љутков денеска во 14:00 часот ќе го посети Плаошник, заедно со градоначалникот Кирил Пецаков и в. д. директорите на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, и на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид, Горан Патчев.

 

Негрижата донесе застој на проектите, продолжуваме со изградба на „Плаошник“

 

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета на локалитетот „Плаошник“ во Охрид изјави дека градежните активности на ова наше духовно светилиште мора колку што е можно поскоро да продолжат од причина што објектите веќе почнуваат да се оштетуваат од разни временски услови.

„Поради досегашната скромна финансиска поддршка, неопходно е да се обезбедат средства за изработка на проект за конзерваторско-реставраторски работи и партерно уредување на целиот археолошки локалитет. Со тоа ќе се обезбеди континуитет во активностите и целосно согледување на археолошкиот локалитет“, рече министерот Љутков.

При денешната посета на „Плаошник“, на која беа присутни и претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божновски, и в. д. директорите на Управата за заштита на културното наследство и на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Весела Честоева и Горан Патчев, беше констатирано дека културното наследство со кое располагаме е загрозено бидејќи државата во изминативе години не издвојувала доволно средства за негова заштита.

„Токму недоволната грижа може да остави трајни последици на дел од културно-историските споменици и археолошки локалитети“, истакна Љутков, кој ја посети и Куќата на Момирови, лоцирана над Античкиот театар во Охрид, за која беше констатирано дека е во исклучително лоша состојба, со нарушена статичка стабилност, и претставува опасност за минувачите.

„Во НУ Завод и музеј Охрид веќе е изработен основен проект за конзерваторско-реставраторски работи, ревитализација и адаптација на Куќата во музејски простор каде што би биле презентирани музејските предмети откриени при археолошките истражувања на Античкиот театар во Охрид“, изјави Љутков, кој посочи на проблемите поради кои не се реализира овој проект и додаде дека се работи на нивно надминување.

За целосно продолжување на реализацијата на проектите во Охрид, надлежни се и други министерства и институции и во тој контекст министерот Љутков изјави дека во најкус период ќе иницира одржување заеднички состанок меѓу сите субјекти надлежни за разрешување на реалниот проблем и изнаоѓање соодветно решение, со што ќе започне реализацијата на голем број проекти.

Министерот Љутков претходно одржа работен состанок со градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков со кој разговараа за повеќе важни прашања.

На состанокот стана збор за отпочнување со изработка на 19 детални урбанистички планови во старото градско јадро. Беше дискутирано и Законот за управување со светското културно наследство кој е во работна верзија и за Планот за управување со Охридскиот Регион, за што општината ќе поднесе барање за одредени измени и усогласување со Законот за заштита на културното наследство, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и Законот на Охридскиот Регион.

 

***

Министерот Љутков, градоначалникот Кирил Пецаков и в. д. директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Горан Патчев, утре (сабота, 13.7.2024 г.) во 10:30 часот ќе го посетат музејскиот комплекс „Музеј на вода“ во Заливот на коските во Охрид.

 

metropolis-big