Најава на Програмата на Националната галерија за 2024

24

Од Националната галерија на Република Северна Македонија, ја објавуваат годишната програма:

– Како што веќе споделивме претходно во годината на одбележување на јубилеј- 75 години постоење изнесовме квалитетна Програма на достојно чествување. Низ разни проекти, доминантно ја афирмиравме нашата богата колекција, презентиравме врвни мајстори на модерната и современата национална уметност. Горди сме на сето сработено, особено на фактот дека целокупната македонска јавност: публиката, медиумите, здруженијата и организациите, образовните институции, претставниците на корпоративните и дипломатските тела и многу други ја препознаа, валоризираа и конфирмираа нашата посветеност.

Оваа година стоиме пред уште поголем предизвик, да го одржиме нивото со понуда која по содржина и разновидност ќе биде подобра од претходната.

Министерството за култура на Република Северна Македонија ја препозна мисијата и визијата на Националната галерија низ призмата на предлог програмата за 2024 година и даде поддршка за следните проекти од областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн:

 

***

Април 2024, Чифте амам

 

Нашата општествено одговорна мисија традиционално ја продолжуваме со едукативни проекти за подигнување на свеста за сеопшто вклучување на лица со аутистичен спектар на нарушувања, надминување на потешкотиите во создавањето и одржувањето на врските, задржување на работата и извршувањето на секојдневните задачи. Имено, во објектот Чифте амам каде ќе биде презентирана изложба по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – Приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Во соработка со Италијанската амбасада, изложбата на Музејот за дизајн АДИ од Милано, пред македонската публика ќе го претстави дизајнерскиот проект „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“, курирана од Џулио Јакети. Во текот на овој проект од меѓународната соработка ќе се организираат инклузивни работилници во кои ќе бидат вклучени ученици на возраст од 5-18 години. Инспирирани од приказната за Пинокио, учесниците ќе имаат ретка можност да изработуваат кукли во текот на март месец, со завршна изложба во април.

 

Едукатор во проектот, Маја Димитрова

***

Мај 2024, Чифте амам

Ретроспективна изложба на Драган Верговски Алпи

Драган Верговски Апли е автор кој до сега немал пообемно претставување на неговото творештво на овие простори. Ретки се неговите самостојни изложби (реализирани минатиот век) и редовни се неговите излагања на групни изложби, ова од причини што целото свое животно и професионално искуство го посветил на реставрација и конзервација на нашето национално како движно, така и недвижно уметничко богатство.

Неговото творештво е од опсегот на фигуративно сликарство, пејзаж и апстракција каде е воочлива неговата професионална посветеност – конзервација и реставрација во имплементирањето на историјата и традицијата од ова поднебје во неговото творештво.

Продлабочено и аналитичко претставување на неговото творештво пред македонска публика ќе расветли уште еден сегмент значаен за македонската ликовна уметност од минатиот век и ќе овозможи поцелосен увид во мозаикот на модерното и современо творештво во нашата земја.

Куратор, Горанчо Ѓорѓиевски

 

***

Мај 2024, Даут пашин амам

Самостојна изложба на Мирослав Масин

Еден од најзначајните проекти за оваа година ќе биде изложбата на претставникот на современата македонска уметничка сцена, Мирослав Масин, која според нашиот програмски календар е планирана за месец мај 2024. Подготовките се започнати со полна пареа како би можеле навремено да испорачаме проект достоен на авторот, а на големо задоволство на публиката.

Мирослав Масин дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство во Скопје, во 1988 година. Член е на ДЛУМ, и во периодот од 2000 до 2001 година бил претседател на ДЛУМ. Реализирал студиски престој во Велика Британија, Франција и Чешка. Покрај самостојни изложби, Масин учествува во инсталации и перформанси, во видео спотови и сценски дизајн на три претстави: во 1993, 1994 и 2013 година. Започнувајќи со самостојни изложби во 1988 година, Мирослав Масин досега остварил повеќе од педесет претставувања во земјава и во странство, меѓу кои во: Џенова, Париз, Стразбур и Мајен во Франција, Берлин, Лондон, Белград, Сараево, Зрењанин, Подгорица, Љубљана.

Куратор, Маја Чанкуловска Михајловска

***

Мај 2024, Мала станица

Проект „Бостание“, документарно-акциски еколошки проект

Вклученоста на уметниците во проектите кои се посветени на зачувување, заштита и подобрување на животната средина и природата воопшто, се многу важни. Тие, со своите невообичаени патишта на движење и создавање дела, често им отвораат на луѓето нови погледи на реалноста во која живеат. На свој начин (уметнички) им укажуваат на процеси што се случуваат околу нив и покажуваат дека постојат и други можности за совладување на секојдневните егзистенцијални борби надвор од вообичаените.

„Зелената арка“ е граѓанска организација основана 2007 година и од почетокот делува во согласност со принципите на пермакултурниот дизајн, за да изнаоѓа применливи начини за ублажување и приспособување на тековните климатски, општествени и економски предизвици. Затоа делува токму на пресекот меѓу заштитата на животната средина, зацврстувањето на локалните заедници и обновливото земјоделство.

Урбаното градинарство кое зема се поголем замав во градовите низ светот има за цел дружење и зближување на граѓаните преку претворање на јавните површини во градини, односно во оази за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите. Одржливоста на урбаните градини е заснована на примена на дизајн на самиот терен, при што се земаат предвид сите елементи како што се: микроклимата, геологијата на теренот, искуствата на заедницата во одгледувањето на различните градинарски култури, снабдувањето со вода, електрична енергија, пристапни патишта и друго.

Куратор, Александра Зиновски Вилиќ

***

Мај 2024, Мала станица

15. Младински пролетен салон

„Мал формат“ е овогодишната тема на 15. Младински пролетен салон. На пролетниот салон учество можат да земат ученици од средното образование и студенти од факултетите за визуелни уметности и дизајн. Најдобрите, според жирито, ќе добијат дипломи, награди и признанија за својот труд и креативност. Изложбата ќе биде поставена во Мала станица а отворањето е планирано за 23 мај 2024.

Едукатор, Ацо Таневски

***

Август 2024, Чифте амам

Томо Владимирски- 120 години од раѓање

Националната галерија во рамките на програмата за 2024 ќе го организира јубилејот 120 години од раѓањето на Тома Владимирски (1904-1971). Владимирски бил македонски сликар, сценограф, еден од основоположниците на модерното македонско сликарство. Првите сликарски поуки ги добил од својот учител, зографот Димитар Андонов Папрадишки. Во 1935 година завршил академски курс во Белград, а во 1937 година, специјализирал сликарство на Уметничката академија во Прага кај професорот Јакоб Обровски. За време на окупацијата, бил активен во организирањето на културниот живот во градот Скопје и надвор од него. Остварил неколку студиски патувања, меѓу кои и во Париз, во 1957 година. Работел како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје во периодот од 1939 до 1966 година. Стилски се поврзува со реалистичкиот и експресионистичкиот израз. Се одликува со разновидна тематска определеност: градски мотиви, мртва природа, портрети, а по војната, сликал историски содржини и мотиви од реките Вардар и Радика.

Куратор, Ана Франговска

***

Септември 2024, Чифте амам

Ретроспективна изложба на Златко Трајковски Хинки

Златко Трајковски Хинки е еден од најзначајните уметници кој твори во првата половина на 80тите години од минатиот век, период кој е пресвртница во размислувањата за уметноста и како таа во иднина би изгледала во Македонија, период кога се работи на постмодернизмот и новите медиуми. Тој е еден од првите кој видеото, инсталацијата и перформансот ги користи како медиум во неговото уметничко делување.

Златко Трајковски е визуелен уметник кој творел во контекст на пост-модернистичкото дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат сликарските, скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани односи на просторот, перцепцијата, комуникацијата и когнитивното мапирање на визуелните ефекти. Изложбата ќе ги посочи односите меѓу два важни модалитети на неговото дело: ликот на склопување на традиционални и модерни материјали/медиуми и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталното и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за тестирање на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност. Проектот го заслужува вниманието со својата актуелност, хибриден материјал, медиумска сложеност и суштински егзистенцијален ангажман.

Куратор, Горанчо Ѓорѓиевски

***

Септември 2024, Чифте амам

„На работ“ на Гоце Наневски во соработка со Доријан Миловановиќ е интердисциплинарен истражувачки проект кој својот интерес го лоцира во аспектите на состојбата “на работ” (во буквална смисла) и консеквенциите предизвикани од истата. Проектот генерално опфаќа осврти на четири теми и тоа: перцепција, слушливост, тишина и нула. На работ е природен, општествен, физички, хемиски, биолошки, личен, социјален, професионален, емоционален и.т.н. конструкт. Состојба која искуствено игра значајна улога во градењето на нормите околу нас и илустрира цели промени во најшироко епохално значење. Овде, авторската интенција е да се истражат навидум едноставни ситуации кои делумно задираат во научното но и се замрзнати слики од интуитивноста со мала или никаква свесност за истите. Примери кои едноставно го илустрираат ова има многу (на работ на несреќата, на работ на скалите, здравјето, довербата, искреноста, убавината, опасноста, војната итн.) Просторната поставеност на проектот ќе е во доменот на објектот, кинетичката скулптура, светлината, топлината, звукот, стојните бранови и видеото испреплетени во жанрот на инсталацијата.

Куратор, Ана Франговска.

***

Септември 2024, Даут пашин амам

Вангел Коџоман, Јубилејна изложба по повод 120 години од раѓањето (види фотос)

Годинава имаме вистински повод да посветиме внимание, време и простор на творештвото на Вангел Коџоман. Деветте децении живот и повеќе од половина век плодотворна уметничка работа оставаат длабоки траги во темелите на современата уметност во Македонија. Коџоман ќе остане да живее преку своите дела како сликар на македонскиот пејзаж и на македонскиот човек и како еден од основоположниците на современото македонско сликарство. Ликовното дело на Вангел Коџоман е обемно, создадено во разни периоди и го одбележува досегашниот развој на македонската современа уметност. Работел во разни техники и теми, повеќе жанрови. Неговото творештво го следиме преку огромниот интерес за портрет, автопортрет, пејзаж композиција, староградска архитектура, карикатура, социјални и историски теми. Специфичен е и препознатлив по настојувањето во своите дела да ги внесе и отслика светлината и боите на нашето поднебје. Вангел Коџоман е автор кој има истакнато и специфично место во современата македонска ликовна уметност и е еден од основоположниците на ликовната уметност кај нас.

Куратори, Александра Зиновски Вилиќ и Маја Неделкоска Брзанова

 

***

 

Октомври 2024, Чифте амам

 

Ретроспективна изложба на Беди Ибрахим

 

Беди Ибрахим целиот свој живот го има посветено на ликовното творештво, како на домашната, така и на меѓународната ликовна сцена, создавајќи релевантни ликовни дела кои ја претставуваат Македонија на глобално рамниште, а своите длабоки творечки искуства на најпрофесионален и најревносен начин им ги пренесува на младите кадри, кои ја претставуваат иднината на македонската ликовна уметност и култура.

Синкретички обоеното ликовно писмо на Беди Ибрахим глобално е генерирано од евро-азискиот културен круг. Декодирањето на знаците неминовно го водат набљудувачот од еден непознат наративен хоризонт во друг. Секое поединечно дело, за разлика од претходното, е збогатено со друго, пишано или усно предание, изнедрено од старите источни митови и легенди. Бројните интердијалошки конципирани инсталации и објекти, се восприемаат како збирка мали сказни, кои постапно го пополнуваат монументалниот мозаик на неисцрпната приказна за културите на Истокот. Супериорноста на неговиот билингвален културен код, со ав-тентичната колоратура, во голема мера ќе влијае на збогатувањето и облагородувањето на македонскиот ликовен контекст.

Куратор, Горанчо Ѓорѓиевски

 

***

 

Годишната изложба на основни училишта претставува традиционална изложба. Секоја година тематски се работи на автор кој во даден период е претставен со ретроспективен опус во Националната галерија. Годините наназад во рамките на овој едукативен проект својата инспирација учениците ја црпеа од творештвата на великаните како Петар Мазев, Драган Попоски Дада, Константин Танчев Динка, Димче Коцо, Димитар Кондовски и Симон Шемов. Оваа година тематскиот избор е творештвото на Ибрахим Беди. Авторот е од првата генерација скулптори кој се занимава со сценографија и со сликарство. Оттаму, ќе биде одлична можност учесниците лично да се запознаат со авторот и со неговото творештво.

Едукатор, Маја Димитрова

 

***

 

Октомври 2024, Чифте амам

 

„Сенки“, Емил Шулајковски – самостојна изложба

 

Впечатокот кој на прв поглед освојува во три децениското творештво на Емил Шулајковски е константата дека тоа се базира на основниот сликарски постулат – бојата, како визуелна прецепција преку која се осознава суштината на сликањето. Бојата е рефлексија на трансформираната енергија на внатрешните интимни превирања го дефинира процесот на создавање на сликата, интерпретиран како израз на внатрешните душевни и психолошки состојби, како трага на уметничкото духовно и психичко доживување.

Апстрактните предели кои ни се нудат се создадени со асоцијативни, гестуални и слободни форми кои визуелно потсетуваат на, или наговестуваат пејзажна атмосфера, или се изведени со редукција на пејзажни примери со слободни. Имагинарните светови на Емил Шулајковски го одразуваат поетското чувствување на атмосферата, се движат се од етерични аркадиски асоцијации до носталгично драматично замислени измислени сцени, рефлектирајќи своевидна теозофија, антропозофија која ја слави „радоста на живеењето“ преку пантеистичка животна и уметничка филозофија.

Куратор, Маја Чанкуловска Михајловска

 

 

***

Октомври 2024, Даут пашин амам

Ристо Лозаноски 1923-2023, јубилејна изложба по повод 100 години од раѓање

Со оглед на тоа дека последното ретроспективно-монографско претставување на Ристо Лозаноски е направено 1986 година и оттогаш интегрално претставување на неговото творештвото немало и земајќи предвид дека станува збор за еден значаен јубилеј 100 години од раѓање, оваа изложба ќе ја потсети македонската културна јавност за неговото значење во осовременувањето на ликовниот израз во современото македонско сликарство. На изложбата ќе бидат поставени дела од Националните и локални институции, како и од приватни сопственици и семејството на Лозаноски.

Ристо Лозаноски и припаѓа на повоената генерација сликари, кои внесуваат нов дух во македонската ликовната уметност. Уште во своите почетоци видливо внесува интерес за осовременување на неговиот ликовен јазик. Во согласност со ваквото негово насочување, тој ќе биде основач и член на групата „Денес“ која внесува нова свежина и отвора нови текови во македонската современа ликовна уметност.

Неговиот сликарски опус минал низ неколку различни дискурси. Веќе во најраните слики се јавуваат асоцијативни елементи, кои подоцна преминуваат во наполно нефигуративни претстави. Кон крајот на шеесеттите внесува во делото несликарски материјали со ненаметлив геометризам, ослободувајќи го патот на сликата кон објектот. Последните дела, инспирирани како и претходните од македонското културно и географско поднебје, содржат повесел колорит и понагласена раздвиженост.

Притоа, тој успеал да изгради сопствена творечка физиономија, преку нагласен индивидуален пристап во ликовниот израз и третманот на колоритот.

Родното место Прилеп и неговата околина се негова главна инспирација и тема во творештвото: Марковите кули, кртиот оголен пејзаж, фантастичните предели богати со историја итн.

Куратори, Маја Неделкоска Брзанова и Маја Чанкуловска Михајловска

 

***

 

Ноември 2024, Чифте амам

Пародиа Дивина, Страхил Петровски – самостојна изложба

– Визуелен бревијар на хуманизмот –

Мултидисциплинарниот проект „Пародиа дивина“ (Божествена пародија) во самиот наслов е отворена алузија на имагинативната визија – „сонот“ на Данте Алигиери наречен „Божествена комедија“, или уште подобро: тоа е имагинативна визија – па ако сакаме, на мигови, и сон – на уметникот Страхил Петровски за хуманизмот, егзистенцијата, денешницата, иднината, за човековото постоење во границите помеѓу сонот и реалноста, помеѓу денес и утре.

Како и алегоријата на Данте, проектот на Петровски има многу алегорични значења и можни толкувања, неговото патување низ современоста во многу нешта наликува на патувањето на Данте низ Пеколот, Чистилиштето и Рајот, содржи симболички и метафорички назнаки за современиот човек и неговиот живот денес, со јасни алузии на денешната цивилизација и нејзините „дострели“.

Трансферзалата лично-општо е неодминлива во неговото досегашно творештво, а особено во овој проект, во кој ја претставува оваа своја потрага по личниот идентитет во лавиринтите на динамичната и конфузна технолошка денешнина на информациски хаос преку повеќе различни целини со силно нагласен симболичен набој. На едно повисоко рамниште, проектот на Страхил Петровски, но и неговото досегашно творештво, децидно го отвора и прашањето на ангажманот на уметникот денес и улогата на уметноста во општеството.

Куратор, Маја Чанкуловска Михајловска

 

***

 

Ноември 2024, Даут пашин амам

Стефан Маневски 1934-2024, јубилејна изложба по повод 90 години од раѓање

Земајќи предвид дека станува збор за еден значаен јубилеј 90 години од раѓање, оваа изложба ќе ја потсети македонската културна јавност за значењето на Стефан Маневски во осовременувањето на ликовниот израз во модерната македонска уметност. Имено, Стефан Маневски и припаѓа на генерацијата скулптори кои внесоа нов дух во македонската скулпторска мисла.

Уште во своите почетоци видливо внесува интерес за осовременување на неговиот ликовен јазик. Неговите почетоци (1963/64) всушност биле врзани за инвентивна серија енформелни цртежи. Во следниот период тој се издвојува со своите вајарски дела од 1966 година, кои ги концепира со метални фрагменти. Подоцна авторот постепено ја прочистува формата и ја поедноставува морфологијата на сопствениот скулпторски јазик. Тој ги сведува скулптурите на објекти со оптички ефекти и со разбранувана обоена површина. Работи рељефни објекти со помали димензии од декаптиран плех и метал, кај кои постигнува оптичка анимација преку конфронтирање на измазнети и сјајни со груби структурни површини. Воедно оваа оптичка анимација ја надополнува со внесување на пиктурални елементи преку боење на одредени делови од скулптурата. Со ритмичкото повторување или бранување на идентични или слични метални детали успева да создаде оптичка илузија на движење кое ја анимира основната статична форма.

Куратори, Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова

 

***

 

Ноември 2024, Мала станица

Јубилејна изложба 30 години творештво на Башким Меџити

Башким Меџити е роден 1965 г. во Гостивар, завршил Академија за ликовни уметности во Приштина, на одделот за сликарство. На истата катедра ги завршил и постдипломските студии. Меџити е еден од основачите на Факултетот за ликовни уметности при Државниот Универзитет во Тетово, каде предава вечерен акт како редовен професор. Има остварено над дваесет самостојни изложби во државата и во странство. Активно се занимава со сликарство и скулптура. Изложбата се планира за месец ноември во објектот Мала Станица.

Куратор, Маја Крстевска

 

***

 

Декември 2024, Чифте амам

 

Самостојна изложба на Љуљзиме Лека – Мулаку„Метаморфоза 2“

Ликовното претставување на Љуљзиме Лека-Муљаку тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик. Темата на изложбата „Метаморфоза 2“ го претставува недостатокот на реалниот поглед на егзистенцијалните естетски вредности, како што е жената. Во овој циклус, како и во поранешните, жената е создадена како субстанцијален лик, и нејзиното визуелно присуство е изразено на сопствена перцепција на авторката. Концептот и суштината на оваа идеја во продолжение се појавува преку апстрактни форми. Ликовната композиција на овој циклус ја изведува егзистенцијалната уметност на невиноста и женската достоинственост. Движењето на деформираните портрети, или жалните погледи, имаат за цел да создадат силни емоции во односот со публиката, да ја прикаже женската фигура во сите облици и димензии – нејзината трансформација и метаморфоза.

Куратор, Нарона Лума

 

***

 

Декември 2024

Социјалната инклузија подразбира уважување на различностите и овозможување на еднаков пристап за сите деца и заедничко учество во разни едукативни содржини. Прифаќањето на разликите е еден од основните показатели за развиено општество. Преку моделот на социјална инклузија во проектите редовно се вклучени ученици со оштетен слух и говор, ученици од редовната настава од основни и средни училишта како и студенти. Овозможуваме проекти низ кои се развиваат уметнички потенцијали и креативни решенија. Работилниците ќе бидат во октомври и ноември со завршна изложба на 3ти декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Едукатор, Маја Димитрова

 

***

 

Архив II, 1985- 2025: Епифанија

 

Подготовки за ретроспективна изложба на академскиот уметник и редовен професор на Ликовната Академија, Жанета Вангели

Оваа изложба претставува втор дел од ретроспективната изложба, која се одржа во Музејот на современата уметност во Скопје во 2017 година, со наслов Архив,1987-2017: СИНХРОНИЦИТЕТИ. Потребата од ова второ издание потекнува од фактот, што на првата ретроспективна изложба немаше доволно простор да се прикажат сите дела, кои ги предвидував, со други зборови, таа остана недовршена, истакна Вангели. Имено, на изложбата Архив ИИ, 1985-2025: ЕПИФАНИЈА предвидено е да се изложат дела од медиумите фотографија, фрејмографија, видео уметност и звучна уметност кои претходно не биле прикажани во Македонија. Фотографијата вклучува аналогни и дигитални дела поради сукцесивниот технички напредок. Архивот, како поим, априори претпоставува еден вид акумулација на визуелните претстави на кои Жанета Вангели работи долг период; епифанијата потекнува од фасцинацијата со претставените личности и Божји созданија на фотографиите/фрејмовите, насликани со светлина. Како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности, Жанета Вангели репрезентативно ќе се претстави во 2025, а сега течат подготовките за ретроспективата.

Куратор, Маја Крстевска

 

 

***

Следат одобрени проекти од областа на музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство за 2024:

Колекцијата на Националната галерија оваа година треба да се надополни со откупи на дела на Илија Аџиевски, Душан Перчинков и Газамфер Бајрам.

Нови проекти и проекти за заштита на културното наследство кои се реализираат во континуитет се: конзерваторски истражувања и изработка на проект за конзервација и реставрација на библиотечното движно културно наследство од „Спомен-куќата на Лазар Личеноски“, конзервација и реставрација на 16 дела од Проектот за конзерваторско-реставраторските зафати врз 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели) од Спомен-куќата на Лазар Личеноски, конзервација на две загрозени дела од колекцијата на Национална галерија, конзервација на една скулптура од Петар Хаџи Бошков во Спомен куќата на Лазар Личеноски, конзервација на приоритетни дела од поставката на НГ, конзервација и реставрација на скулптурите од паркот на скулптури и три скулптури од поставката на Станко Павлески.

Основниот проект за конзервација и реставрација на музејот „Спомен куќа на Лазар Личеноски“, фаза архитектура и фаза машинство, кој го спроведува НУ Конзерваторски центар- Скопје е поддржан со средства во висина од 6.000.000 денари.

Национална галерија го задржува правото за измени и дополнувања на Програмата.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.