“Париски рефлексии 2”, ги красат ѕидовите на Чифте амам

47
Exif_JPEG_420

Со свечена церемонија, на 9.03.2923 година, во објектот Национална галерија- Чифте амам, беше отворена изложбата “Париски рефлексии 2” во соработка со Францускиот институт. На нејзиното отворање говореа директорката на установата Дита Старова Ќерими, амбасадорот на Франција во Република Македонија Сирил Бомгартнер и претседателот на државата Стево Пендаровски.
Ќерими нагласи дека станува збор за селекција од 39 дела на автори кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6. и 7. деценија на 20 век, а тоа се: Вангел Коџоман, Василие Поповиќ– Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој творел во нашата држава.
-Влијанието на Националната Париска школа го чувствуваме до ден денешен, бидејќи уметноста се уште ги зближува луѓето физички, во галериите, во музеите, но и културно преку нејзин капацитет да ја раскаже картата на врвните ументици, кои патувале и се враќале дома и го оставиле нивното културно наследство да сведочи за силните пријателски врски со европските земји, подвлече Старова Ќерими.
Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, пак, во својот говор посочи пред една година го отвориле првиот дел од изложбата „Париски рефлексии“ која се фокусирала на македонските уметници од првата половина на 20 век, но и дека изложбата е природен след на творештвото и на француски уметници кои твореле кај нас.
-Француски уметници престојувале тука и црпеле инспирација. За да го потврдиме тоа, го избравме ументикот Клод Дервен, овој голем француски пријател на македонските сликари пред чии дела можеме да се восхитуваме, создадени при неговата посета на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. Воопшто не е случајно што сакавме да ја отвориме оваа изложба во текот на месецот на Франкофонијата. Франкофонијата е францускиот јазик, но и вредностите што таа ги носи, а тука пред се мислам на повеќе јазичноста, уште повеќе на културната разноликост, рече францускиот амбасадор кој нагласи дека го почитува македонскиот јазик а тоа го изговори и на македонски.
Второто продолжение на изложбата „Париски рефлексии“, се одржува во годината кога Националната галерија прославува 75 години од нејзиното основање, а по тој повод Пендаровски, кој свечено ја отвори изложбата, во својот говор истакна:
-Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на отворањето на изложбата „Париски рефлексии“ која веќе по втор пат се организира од страна на Националната галерија и Францускиот институт во Скопје. Оваа изложба е исклучителен приказ на повеќеслојноста на уметничкото доживување и на неговата најголема вредност, а, тоа е, покрај естетската- да ги поврзува земјите и народите. Во нашиов случај, тоа се културните специфики на Македонија и на Француската Република.
Париз бил и останува синоним за глобален уметнички Пантеон кој во себе ги спојува иманентните вредности на уметноста: естетското, наследеното и космополитски современото. Дa се биде дел од тој Пантеон, да се живее и твори низ посебниот сензибилитет на Градот на светлината, било и е сон на илјадници уметници од светот, но и на оние од ова наше поднебје. Историјата на македонската ликовна уметност, како и историјата на ликовната уметност воопшто, не може ни да се замисли, а уште помалку да се прикаже без Париската школа.
Гледано од мој аспект, се разбира, не како експерт, туку како некој кој ја почитува уметноста и нејзините социо-културни значења – фасцинирачки делува конгломератот од различни правци во уметничкото изразување креирани во рамките на оваа школа. Секој од уметниците сам ги избира своите ликовни афинитети и придонесува во откривањето на модерниот ликовен јазик. Париската школа е синоним за прогресивност, авангарда, слобода на изразување. Вредности кои македонските уметници, подготвени за откривање на нови хоризонти и нивно уметничко поврзување со средината од која што потекнуваат, ги прифаќаат со отворен ум и намера да бидат дел од европската и светската ликовна модерна.
На првите „Париски рефлексии“ се потсетивме на основоположниците на македонската уметност чии што имиња се врзуваат со оваа школа: Мартиноски, Личеноски, Пандилов, Лена Стефанова, Владимирски, Борко Лазески, Диме Тодоровски, Димче Коцо и Борка Аврамова. Денес имаме можност да уживаме во делата на наследниците на таа генерација основоположници кои преку своите студиски престои во Париз ги прифатија авангардните движења и им дадоа сопствен печат: Ордан Петлевски, Кондовски, Мазев, Томо Шијак, Спасе Куновски, Иван Велков, Борислав Трајковски, Богољуб Ивковиќ, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов и Миле Корубин, помеѓу останатите. Тука меѓу нив се и делата на францускиот сликар Клод Дервен, инспирирани од македонското поднебје, што само по себе потврдува дека уметноста е процес на постојано давање и примање, на сплотување, на преплетување и меѓусебно збогатување.
Оваа изложба е дел од бројните настани со кои се одбележува Месецот на Франкофонијата во кој, преку примарно чествување на францускиот јазик, всушност, ги промовираме и безвремените, никогаш поактуелни универзални вредности: мирот, демократијата, правата на човекот, соработката меѓу народите, културната разновидност и размена.
Република Македонија е целосно приврзана кон овие вредности. Ние сме отворено општество кое во себе ги содржи сите различни етнички, јазични и културни идентитети и нема ништо поприродно од потребата да ја афирмираме својата посебност, со сите наши различности, преку интеракција и размена со другите. Франкофонијата ни овозможува исклучително широк простор на споделени вредности и можности за соработка.
Денешниов настан е уште еден доказ за тоа. Затоа, да уживаме во богатството на уметничкиот израз и да ја славиме Франкофонијата која нѐ сплотува во различностите и го збогатува нашето секојдневие и неговите комплексни перспективи, рече тој.
Изложбата е импресивна, сочинета од дела на повеќе македонски автори, и ќе можете да ја проследите во текот на месец март, исто така заедно со изложбата “Мајчинство”, кои со дела од колекцијата на Националната галерија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.