Самостојна изложба на Јулија Манојлоска

4

Вечер, во 20 часот во Центар Јадро се отвора четвртата самостојна изложба на Јулија Манојлоска, насловена “Пред будење”.

Јулија Манојлоска е млада уметница која во својата инсталација „Пред будење“ преку формата, бојата, поставеноста и структурата третира општествени и социјални проблеми од денешницата. Делото за прв пат беше изложено како објект на на ХIV Меѓународно Биенале на млади уметници, со тема „Будења“ во НУ Музејот на современата уметност-Скопје, во 2023 година.

Секој сегмент на просторната инсталација насловена, претставува засебен елемент и дело само по себе. Сите форми кои лебдат се различни идентитети. Ако секаде наоколу постојат различни идентитети и ако ние самите понекогаш сме дел од нив, лебдењето на истите го ставаат уметникот во улога на лутање по есенција. Секоја црна пластична топка е геополитичка, социјална и културна криза која лебди во целосен комфор. Ако идентитетот како синоним значи еднаквост или истост, тогаш „кругот“ е кршлив. Делото „Пред будење“ го претставува изминатиот периодот на колективното „спиење“. И така една црна линија која нацрта една овца еднаш кажа „Пролет е, преживеавме“. На оваа самостојна изложба, делото и понатака го претставува изминатиот период, како период пред будење, период на лебдење на идентитетите, но овој пат во просторот на движење, каде нивното присуство почнува да и смета на публиката. Повторно го истражува волуменот, формата и бојата како обоеност и шаренило. Инсталацијата, односно објектот е просекот на наталожените емоции, црното индиго на идентитети над нашите глави и некритичкиот поглед кон наметнатото.

 

Биографија

 

Јулија Манојлоска e родена на 25. 08. 1993 година во Скопје. Во 2015 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности, во Скопје, во класа на м-р Јован Шумковски.

 

По завршување на студиите активно се занимава со сликарство и инсталации во областа на современата ликовна уметност.

Има учество на повеќе групни и самостојни изложби и проекти од областа на визуелни уметности:

– Групна изложба, Витражи во Музејот на современа уметност во 2011 година

– Групна изложба на цртежи во Чифте Амам во 2012 година.

– Годишна изложба на Факултетот за ликовни уметности во 2012, 2013, 2014 и 2015 година.

– Групна изложба на Биенале на цртеж- Остен во 2016 година

– Учество на групната интернационална изложба Gogyoshi Art Project во галерија FLUX во 2016 година.

– Групна изложба YoungArt, во Мала Станица, во 2016 година

– Учество на Скопје Креатива со самостоен ликовен проект – инсталации, насловен „Транспарентни сенки“ во МКЦ, 2017 година

– Самостојна изложба во Ликовна Галерија, „МаркоЦепенков“, во Прилеп, 2017 година

– Учество на изложбата „Св. Климент Охридски“ во НУБ, во 2017 година

– Учество на Скопје Креатива со самостоен проект, ликовна инсталација насловена „Интервенција во форма и боја„ , во 2018 година.

– Учество на изложба на фотографии, „99 File“, во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2018 година

– Самостојна изложба, насловена „Секвенци“ , во Дом на градежници Галерија КО-РА, во 2019 година.

– Учество на 13-то Меѓународно Биенале на млади уметници во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2021 година.

– Самостојна изложба во МКЦ, насловена „Пресоздавање“, во 2021 година

– Учество на 14-то Меѓународно Биенале на млади уметници во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2023 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.