Во тек е изложбата „Порцеланови луѓе“ во Велес

Во Ликовниот салон на Народниот музеј во Велес отворена е изложбата „Порцеланови луѓе“ на која се поставени повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, авторите се обидуваат да рехабилитираат мал дел од огромната производствена продукција на фабриката „Југопорцелан“ од Титов Велес, потоа преименувана во „Порцеланка“.

На изложбата се претставени биографиите на дизајнерите уметници – Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и други кои во периодот од 1955 до крајот на 1990-тите години биле дел од декорното односно покасно од 1971 година дизајнерско одделение на фабриката. Некои од дизајнерите како Сузана Зафировска и Тодор Јорданов беа присутни на отворањето на изложбата.

Изложбата е резултат од истоимениот истражувачки проект спроведен од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски.

На изложбата е претставен и месечниот весник „Керамичар“ кој почнал да излегува од печат од јануари 1964 година, а чиј уредник бил новинарот Љубомир Ѓорѓиев.
Инаку, проектот е во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура – Архифакт-Скопје во соработка со ЛУ Народен музеј Велес и Државен Архив-подрачна единица Велес.

Проектот е подржан од Министерството за култура и туризам и со поддршка од Дејан Атанасовски, директорот на Комерцијална банка, филијала Велес, а кои помогнале за поддршката и разбирањето кон значењето на културното наследство како темел на општествената меморија.

Авторите на изложбата иницираат до надлежните да им помогнат во Велес да се направи Музеј – куќа на порцеланот и се надеваат дека наскоро нивната идеја ќе се реализира. Со тоа и Велес во кој работеше Фабриката за порцелан „Порцеланка“ и чии производи се извезени насекаде во светот заслужено да добие музеј на порцеланот во Македонија, по примерот на светските музеи на порцеланот каде имало развиено индустрија за порцелан.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.