Стале Попов (25 мај 1902 – 10 март 1965) — македонски раскажувач и романописец

478

Стале Попов е роден е на 25 мај 1902 година во малото село МелницаМариово, како трето од петте деца на манастирскиот слуга Илија Сталев. Набргу умрела мајка му Неда (1908) и малиот Стале останал на товар на татко му и не многу постарите деца – сестрата Трна и братот Ѓуро, а во меѓувреме умреле и двете деца помали од него. Татко му, кој цели 18 години бил манастирски слуга, станал поп во Витолиште и заедно со децата се преселил во ова најголемо и централно мариовско село. Тука, Стале го минал детството, години исполнети со тежок живот и многу мечти за поубава иднина при што помагал во домашните работи, одел по дрва во блиските планини, а во слободното време со другарите ловел риби во блиските реки. Исто така, во селото го започнал образованието кај учителот Бино, кого подоцна често ќе го споменува во неговите дела. На 14-годишна возраст, Стале Попов за првпат го напуштил Мариово и дошол во Прилеп, а потоа се вработил во Плетвар. Во Балканските војни, додека вујко му Јован Ѓуров бил кмет во Витолиште, малиот Стале бил помошник-писар.[2] Во Прилеп, Стале Попов се запишал во гимназија, но поради војните го прекинал школувањето, а завршил богословија во Битола, а подоцна дипломирал на Теолошкиот факултет во Белград. Сепак, тој никогаш не се запопил, а пред Втората светска војна работел како земјоделецдрваровчартрговецбакал, службеник во тогашната Народна скупштина, општински чиновник, шумар и тутунски работник.[3]

По завршувањето на училиштето и отслужувањето на воениот рок, Попов се вработил во општината во Битола, а потоа и како писар во Духовниот суд во овој град, со надеж да се запопи и да го замени татка си на парохијата. Но, набргу умрела жена му и по два месеца службување, тој ја напуштил Битола и се вратил во родниот крај да се грижи за своите мали деца. Но, како последица на неговиот немирен дух, во 1930 година пак го напуштил Мариово и се преселил во Прилеп каде што се вработил во Пореската управа. И оттука бил отпуштен и кон крајот на истата година бил преместен во Лесковац, каде што работел како полициски писар. Потоа, преминал на служба во Крушевац, а оттаму пак се вратил во Битола, а потоа ја напуштилл Македонија и заминал во Белград, каде што се вработил како висок службеник во Општото одделение на Собранието на Кралството Југославија. Претчувствувајќи го она што набргу ќе се случи, точно на 27 март 1941 година го напуштил Белград и се вратил во родното Мариово.[2]

Во текот на НОБ, Попов го помагал партизанското движење, додека за време на бугарската окупација на Македонија бил интерниран во Неврокопско (Бугарија). По ослободувањето на земјата, Стале Попов станува претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, потоа работел како управник на Шумската дирекција, а во 1948 година се вработил како професор по руски јазик во гимназијата „Цветан Димов“ во Скопје. Меѓутоа, кога фондот на часовите по овој предмет бил намален, Стале Попов минал на работа во основното училиште „Браќа Миладиновци“ каде предавал македонски јазикисторијабиологија и руски јазик. Од ова работно место, тој се пензионирал во септември 1959 година. По неуспешното лечење во Интерното одделение на Градската болница во Скопје (октомври 1964) и во Нишка Бања (јануари 1965), Стале попов починал во Скопје на 10 март 1965 година.

Мелничкиот манастир Св. Илија и разрушената куќа на Стале Попов се единствените остатоци од село Мелница. Селото е запустено од нападите на андртските чети во почетокот на XX век

Стале Попов започнал многу рано да пишува, но како писател се оформил непосредно по Втората светска војна. Првите раскази „Мице Касапче“ и „Петре Андов“ ги објавил во списанието „Современост“. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман „Крпен живот“ (1953) чиј втор дел излегол во 1954 година. Веднаш потоа напишал низа дела и станал еден од најплодните романописци и раскажувачи во македонската книжевност. Во 1953 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија. Тој е автор и на следниве дела: „Итар Пејо“ (раскази, 1955), „Толе Паша“ (роман, 1956), „Опасна печалба“ (подолга проза, 1956), „Калеш Анѓа“ (роман, 1958), „Дилбер Стана“ (роман, 1958), „Мариовскиот панаѓур“ (новела, 1961), „Помеѓу небото и земјата“ (раскази, 1963), „Шаќир војвода“ (романсирана биографија, 1966), „Необично дете“ (роман, 1966) и „Доктор Орешкоски“ (роман, 1966). Неговите собрани дела биле објавени во неколку наврати: 1966 (12 тома), 1976 (12 тома) и 1987 (4 тома). Во спомен на неговото дело, во 1975 година била воспоставена годишната награда „Стале Попов“ која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.