Први март 1913 – Меморандум за независноста на Македонија 

84

Во Петроград е објавен и издаден Меморандумот за независноста на Македонија од страна на ополномоштените Македонци, членови на МНЛД. Испратен до британскиот и рускиот министер за надворешни работи, амбасадорите на големите сили и објавен во европскиот печат.

Меморандум за независност на Македонија (на францускиMémorandum consérnant l’indépendance de la Macédoine) — документ со кој се бара доделување и признавање на независност на историскиот регион Македонија, составен и подготвен од членови на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург на 1 март 1913 година и испратен до британскиот министер за надворешни работи сер Едвард Греј, амбасадорите на голмите сили при дворот во Лондон и рускиот министер за надворешни работи.

Тројца од потписниците на меморандумот, сликани на 21 март 1913 г.

Истовремено, меморандумот бил објавен во целост или во делови во „Македонски глас“, повеќе руски печатени весници и други весници во Европа. Во составувањето, подготвувањето и објавувањето и воедно како потписници на меморандумот учествувале и се јавуваат Димитрија ЧуповскиАлександар ВезенковГаврил Константинович и Наце Димов, кои согледувајќи ја ужасната положба на Македонија по првата и непосредно пред втората балканска војна, завојувана и окупирана од соседните балкански држави, како единствено праведно, најправилно, а воедно и најразумно и најцелисходно решение го гледале доделувањето на независност на историскиот регион Македонија во нејзините природни, географски, етнички и економско-стопански граници од страна на големите европски сили, со што сметале дека ќе се стави крај на страдањата на населението и ќе се избегнат понатамошни војни, судири и крвопролевања.

Во прилог на овој меморандум Димитрија Чуповски ја изработил и објавил политичко-географската карта на Македонија насловена во нејзините природни, географски, етнички и економско-стопански граници „Карта Македониiа“ со поднаслов „по програма на македонските народници“. Во меморандумот, кој е своевиден прв јавен настап на „ополномоштените Македонци“ пред светската јавност, се изложува и истакнува борбата на Македонците за својата слобода и држава, со акцентирање на учеството на Македонците во Првата балканска војна како рамноправна војувачка страна. Преку неколку точки во меморандумот се изнесени барањата, меѓу кои најбитни се: Македонија во нејзините географски, етнографски и економско-културни граници да остане единствена, неделива, независна балканска држава и во најскоро време врз основа на општо гласање, да биде свикано Македонско народно собрание во Солун заради детална разработка на внатрешната организација на државата и за определување на односите со соседните земји.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.