23 јули 1942-Во Софија, стрелани се Никола Ј. Вапцаров, Антон Попов и Атанас Романов, македонски писатели, патриоти и револуционери

1625

Никола Јонков Вапцаров ( 7 декември-1909-23 јули 1942) — макеоднски писател и комунист, со македонско потекло, роден во Банско,Пиринска Македонија, (денес Бугарија). Вапцаров бил најсилен поетски талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонскиот. Неговата единствена стихозбирка со наслов „Моторни песни“ (Моторни пѣсни) содржи 20 песни. Нему му припаѓа едно од видните места во бугарската литература, иако тој самиот и во животот и преку својата поезија недвосмислено изјавувал дека е Македонец, и покрај тоа што создавал покрај на македонски и на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито патриотска, социјална, револуционерна и хуманистичка.

Заедно  со Михаил Сматракалев и Антон Попов во октомври 1938-ма е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев и други.

Во реферат по повод основањето на кружокот, Вапцаров напишал:

„На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, ми се чини дека причината е во недостигот на жива творечка сила… Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) – великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот „Слободна и независна Македонија“.

Антон Николов Попов роден е на 20 октомври 1915 година во Попово маало, село Игуменец (денес Гега) во Пиринска Македонија. Тој е македонски писател, патриот и учесник во отпорот против режимот во Бугарија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.

Еве што запишал Антон Попов:

„Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат. Историјата на човештвото е полна со неправди. …Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име, да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја? Кој ги поттикнува нивните свирепи мерки, нивното цврсто решение? Кој ги поддржува и оправдува нивните настојувања- плен на угнетување да бидат нивните славјански браќа“?- напишал Попов.

 

Атанас Романов (22 декември 1911, Софија – 23 јули 1942, Софија) македонски деец, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија и учесник во антифашистичката борба во Бугарија.

Атанас има потекло од Егејскиот дел на Македонија, неговиот татко бил од селото Долни Порој, Демирхисарско (Валовишко), а пак неговата мајка била од Кукуш, од семејството на Димитар Влахов. Родителите му биле учители и како такви често се селеле од село до село и од град до град. 
Станал член на БКП, а во исто време неговата љубов кон татковината го поврзувала со прогресивното македонско движење и со ВМРО (Обединета). Развил блиска и многустрана соработка со Христо Трајков, Симеон Кавракиров, Александар Мартулков, Божидар Митрев и Митко Сурлев. Бил одговорен за рецитаторскиот хор „Гоце Делчев” и одговорен уредник на весникот „Ехо” и на хумористичниот весник „Дампинг”. Многупати бил апсен, физички малтретиран и интерниран по разни краишта на земјата.

 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.