28 април 518 – Катастрофален земјотрес го разрушил Скупи, денешно Скопје

369

Скупи ( ScupiColonia Flavia Scupinorum) — древен град и археолошко наоѓалиште од римско и доцноантичкото време 5 км северозападно од Скопје, во непосредна близина на с. Злокуќани, лево од утоката на реката Лепенец во реката Вардар во подножјето на Зајчев Рид. Приградските објекти и некрополите се простираат на поширок простор.

Почетоците на римскиот град Скупи се поврзани со римската војска, односно стационирањето на 5-тата Македонска и 4-тата Скитска легија на теренот на новоосвоената Дарданија во времето на Тибериј (14 г. п.н.е.-37 г. н.е.), веројатно во 13-11 г. пр.н.е. Поинтензивна колонизација и урбанизација на градот веројатно се случила после 15-та год. од н.е., по формирањето на провинцијата Мезија. Според положбата, големината, четвртестата основа, маркантните фортификациски елементи и др. постои голема веројатност дека градот се развил од легиски логор (каструм). Во време на царот Домицијан (84-85 г.) Скупи добил статус на колонија и неговото полно име било Colonia Flavia Scupiorum и во него биле сместени дедуцираните ветерани од 7. Клавдиева легија. Во градот имало и домашни староседелци со пајонско и дарданско потекло.

Во текот на II век, Скупи добива особено репрезентативен лик, при што централно место зазема монументалниот театар. Во III век искористувајќи ги битките за превласт на царскиот престол, во Македонија се пробиваат Сарматите, а потоа Готите и Херулите.

Во IV век, во градот е забележано зголемување на градежната дејност. Тогаш е изградена и најрепрезантативната градба, Базиликата 1, а кон крајот на IV или во почетокот на V век, во градот била издигната уште една ранохристијанска црква. Царот Теодосиј I при своите престојувања во Скупи во 379 и 388 г. издал два царски указа. Во IV век станал седиште на епископија, а подоцна и на архиепископија. Познати христијански свештеници на Скупи биле: епископот Дакиј (концил во Никеја, 325 г.) епископот Парегориј (собор во Сердика /Софија/, 343 година), митрополитскиот епископ Карос (во писмото на папата Леон, 458 г.) митрополитит Јован (синод во главниот град на провинцијата Дарданија — Скупи, 493 г.); архиепископот на Јустинијана Прима – Бененат (Не учествувал на 5 екуменски концил во Цариград, 553 г.).

Градот Скупи најверојатно не бил поштеден од стравотните разурнувачки напади на Хуните во 447 год., а во 518 г. Скупи настрадал во катастрофален земјотрес, забележан во Хрониката на Марцелин Комес. По 518 г. престанува урбаното живеење на римскиот град Скупи, иако постојат индиции дека животот во облик на помала словенска рурална населба продолжил сè до X- XI век од н.е.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.