Д-р Наташа Котлар – За Роса Варналиева – Македонката која во 1908 година се борела за правата на жените

1596

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова во Скопско ехо

Во пресрет на 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената, прогласен како таков во 1910 година, сакам да потсетам на неколку битни моменти. На овој ден се одбележуваат економските, политичките, општествените и културолошките достигнувања на жените во светот.

Роса Варналиева

Во врска со ова, во поновата македонска историја, како една од првите борци за женските права е велешанката Роса Варналиева, односно Плавева родена во 1878 г. Таа е првата жена, Македонка, социјалистка. Иако е мајка, таа е и илинденка, револуционерка, но и пријателка на Кемал Ататурк, соидејник на Роза Луксембург и на Карл Либкнехт.

Роза Луксембург

Во 1908 г. во деновите на младотурскиот полет, Роса Плавева заедно со учителка од турска националност Накие Бајрам организира демонстрации во Скопје за рамноправност на жените и за отфрлање на фереџето и на зарот. Веќе следната, 1909 г. на 1-ви Мај, заедно со сопругот Илија Плавев ја формираат социјалдемократска организација во Скопје. Десетина години подоцна, на 29 февруари 1920 г. Роса Плавева ја формира и „Организацијата на жените социјалистки“ во Скопје, која се залагала за еднакви плати на мажите и на жените, за укинување на капиталистичката експлоатација и за активно и пасивно избирачко право на жените.

Секогаш препознатлива со начинот на облекувањето, најчесто, машки изглед и вратоврска, но упорна во своите настојувања.  Инсистирала да се отвори бесплатна аптека, како и беслатен преглед на работниците, во што и успеала. Роса Плавева учествува и во текот на НОБ. По ослободувањето на Македонија, повеќе престојува во Белград, каде и починува во длабока старост, во 1970 г.

Ова, нека биде кратко потсетување на жената која има значајно место во македонската социјална, културолошка и политичка историја. Затоа е и значаен 8-ми Март, одбележувајќи го треба не само да ги споменуваме, туку и да се угледаме на позитивните примери и идеи на исклучителните жени. Нашата историја бележи многу од нив: војводки – Сирми, Румени, мајки – Султани, Марии, Анастасии, воини – Донки, Сребри, поетеси, учителки, револуционерки – Константини, Вери, Фани, Елпиди, Паликуќи, Мирки и многу други, знајни и незнајни.

Нека е честит 8-ми Март!

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.