80 години- „Нова Македонија“ 

„Нова Македонија“ е најстариот дневен весник во Македонија. Првиот број излегол на 29 октомври 1944 година во Горно Врановци.

 

Основан:

29 октомври 1944

Јазик- македонски

 

Претседателот на ЦК на КПМ, Крсте Црвенковски, на состанок со урединиците на Нова Македонија по земјотресот во Скопје во 1963

На третата седница на Президиумот на AСНОМ, која била одржана од 2 до 5 септември 1944, во манастирот Прохор Пчињски, била донесена одлуката за основање дневен весник.

Веднаш потоа било задолжено Агитациско-пропагандното одделение (АГИТПРОП) при ЦК КПМ и Главниот штаб да формира и специјална комисија, која ќе го подготвува и ќе го издава овој дневен весник. За името на весникот уште веднаш паднале три предлози – Независна Македонија, Слободна Македонија и Нова Македонија. Најприфатливо било името Нова Македонија, бидејќи истакнувало дека станува збор за нова преродба, нова современа македонска држава, со поинакво општествено политичко уредување, со нови и поинакви принципи и начела на раководење и живеење.

Иако битките за конечно ослободување биле во тек и интензивно се одвивале, во исто време до сите народноослободителни одбори и други органи и организации пристигнала директива на Поверенството за информации, во која дури и се дал потсетник за тоа „што да се пише во дописките“. Притоа се нагласува дека:

Весникот нема да е еден сувоофицијален орган, кој ќе публикува само заповеди и решенија и ќе излегува само со некоја политичка статија, ами треба да се претвори во широк, масовен лист, да стане истински народен весник…

„Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, основан со решение на Президиумот на АСНОМ. Првиот број е објавен на 29 октомври 1944 година во селото Горно Врановци, каде што денес се наоѓа првата печатница, претворена во музеј. За негов прв главен уредник е назначен Васил Ивановски. Првиот број, кој сè на сè имал 8 страници, излегол во мал тираж, а бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија и претставувал прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик. Вториот број бил отпечатен во Битола, а од третиот (22 ноември) се печати и излегува во Скопје. Весникот излегол дури и на 27 јули 1963 година, ден по скопскиот земјотрес.

По бурните транзициски години, обновената „Нова Македонија“ почнала да излегува на 30 април 2008 година.

(Извор Википедија на македонски)

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.