Почетна МУЗИКА Забавна Музика Албумот “Низводно” на “Зијан” е темел на македонската рок музика

Албумот “Низводно” на “Зијан” е темел на македонската рок музика

3.11.2024, Скопје 

Со колкава вечност ќе се мери албумот “Низводно” на гевгелиската рок група “Зијан”, тоа отсега и од овде не можеме да кажеме ни со приближна сигурност, а дека е немерливо, неминливо, безвременско и без граници, сомевање нема.

Албумот е ремек- дело и темел на македонската рок музика.

Објавен е во 1991 година, како првенче на оваа рок групата, која во крајните години на осумдесеттите, од минатиот век се обидувала да си го заземе своето место на тогашната југословенска рок сцена.

Во своите раце имале следните “асови”-  настапот на „Рок фест 87“ каде „Зијан“ освојуваат првото место и добиваат можност да настапат на Зајечарската гитаријада, каде повторно, верувале или не, стануваат победници, едно по друго.

Победници на гитаријадата “Зајечар 87”, каде наградата било издавање на албум за Продукцијата за грамофонски плочи на Радио телевизија Белград – ПГП РТБ.

Композициите за овој албум, тогаш, ги снимаат во студиото на Тоше Поп Симонов во Скопје, а во него клавијатури свири Кирил Џајковски.

Но, за жал, овој материјал никогаш не се најде на плоча, од ветувањата на белградските уредници за објавување на истата, не останало ништо.

Во 1988 година “Зијан” настапуваат на големиор “Рок спектакл” на Маракана во Белград, а врв на нивното искачување по скалилата на музичката кариера е што таа година стануваат учесници на на фестивалот “Омладина” во Суботица.

Големиот успех е нешто посебно што ќе следи, затоа што до него како потврда се дошло со едногласната одлука на публиката и жири комисијата, според која “Зијан” станале севкупни победници во конкуренција од 237 пријавени бендови од цела Југославија.

Но, ситуацијата секогаш за момент, навидум, ќе си “поигра” со легендите, затоа само така тие може да влезат во вратата која не е отворена за сите, туку за одбраните.

Наместо тогаш да се вивнат и да одат понатаму, строгите издавачки куќи се служат со игноранција кон нив и ги отфрлаат од игра, а потоа се распаѓа Југославија и се распаѓа целиот тој сон.

“Зијан” се враќаат дома, од каде што тргнале по патеките. Но за среќа, конечно, во 1991, го снимаат деби албумот насловен „Низводно„ во издание на Музичкото касетна продукција на МРТ.

Групата влегува во студио во Студиото М2 во Скопје, каде останува десеттина дена. Костадин Динев, вокал и бас гитара, Апостол Ацо Митров, гитара и вокали, Ангел Динев, тапани и Кирил Зарлинов, клавијатури го снимаат материјалот. Потпомогнати од Вера Јанковиќ вокал, Стево Стојковски гајда и Валентино Скендеровски клавијатури и програмирање.

Снимател е Исмаил Авдуловски- Џо, продуциран е од Валентино Скендеровски, а извршен продуцент е Петар Георгиевски- Камиказа.

Сите тие учествуваат во брусањето на осумте музички дијаманти, осумте антологиски композиции, чија маестралност е на раб на чиста перфекција. Поточно- чиста перфекција!

На овој албум е ненадминливата „Пушти коси“ пресилна и исконска рок песна, обработката на етно темата „Стамена“, нескротливата „Кате сваќе“, ултра- шизичката „Елизабет“, тука се и „Денови“, „Град“ и „Рушиме сѐ“, и на крај, инструменталката која одзема здив „Низводно“ и според која е насловен албумот.

За своето музичко дело стануваат носители на Златната плакета во 2004 година, доделена по повод 7 Ноември, празникот на Гевгелија, нивниот град.

“Зијан”- “Низводно”, 1991

(Жанр: Поп рок, фолк рок фанк)

A

“Пушти коси” (6:32)

Музика, текст, аранжман- Костадин Динев

 

“Стамена” (4:00)

Народна

Аранжман- Група “Зијан”

Гајда- Стево Стојковски

 

“Кате сваќе” (2:32)

Музика, текст, аранжман- Костадин Динев

 

“Елизабет” (4:30)

Музика- Костадин Динев

Текст- Апостол Митров

Aранжман- Апостол Митров, Костадин Динев

 

Б

“Денови” (3:09)

Музика, текст, аранжман- Костадин Динев

 

“Рушиме сѐ” (4:14)

Музика- Апостол Митров, Костадин Динев

Текст- Костадин Динев

Аранжман- Апостол Митров, Костадин Динев

 

“Град” (4:00)

Музика- Апостол Митров, Костадин Динев

Текст – Костадин Динев

Аранжман- Апостол Митров, Костадин Динев

 

“Низводно” (5:18)

Музика- Апостол Митров, Анѓел Динев, Ристо Ќорнаков, Костадин Динев

Аранжман- Ангел Динев, Ристо Ќорнаков

 

Уредник- Јане Коџабашија

Графички дизајн- Жарко Туниќ

“Зијан” за албумот изразуваат благодарност и до Димитар Димовски и до Тоше Поп Симонов.

На овие песни ќе се потсетиме на нивниот претстоен концерт на 7 ноември 2024 во МКЦ Скопје.

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт 

metropolis-big