„Банда” во Филхармонија

7

Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Банда”, на кој ќе бидат изведени дела од Гинастера, Лобос, Пјацола и Гершвин. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а како солистка ќе настапи македонската флејтистка Илинка Велкова. Концертот е поддржан од Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.

Алберто Гинастера (1916-1983) е еден од најзначајните аргентински композитори и латиноамерикански музичари на 20 век. Неговиот балет „Естанција” е едно од делата кои се н аоѓаат на самиот врв од неговото творештво и многу често е составен дел од репертоарот на светските симфониски оркестри. На почетокот од својот творечки опус, Гинастера пишувал музика во која ги спојувал елементите на аргентинскиот фолклор со тековите на современата музичка техника, но подоцна се свртел кон додекафонската музика. „Да се компонира, значи да се создаде архитектура. Во музиката, оваа архитектура се одвива во времето”, изјавил Гинастера.

„Бразилски Бахијани” се серија од девет суити од бразилскиот композитор Хектор Вила-Лобос, напишани за различен инструментариум и глас во периодот меѓу 1930  и 1945 година. Тие претставуваат фузија меѓу бразилската фолклорна и популарна музика со опусот и стилот препознатлив за Јохан Себастијан Бах. Во нив Вила-Лобос прави интересен спој меѓу барокната хармонија и контрапункт со типичниот звук на бразилската музика. Најголем дел од ставовите во суитите имаат и „баховски” и бразилски наслови – „Прелудиум”, „Фуга” или „EmboladaO canto da nossa terra“.

„Мојата музика го поседува примитивното, автентично танго. Тоа може да се слушне во мојата музика. Тоа е всушност подлога. Над него е музиката која јас ја создавам, онаа која тече во моите вени. Јас сум човек на тангото”, изјави Астор Пјацола во едно интервју непосредно пред неговата смрт во 1985 година.Точно тоа е вистинското вербално обликување на музиката која ја создава овој аргентиски композитор – тангото е база на која Пјацола ја гради новата звучност, инспирирана од класичната музика и џезот. Тоа е начинот на кој го создава „танго нуево” или „ново танго” по кое ќе остане запаментен во светската историја на музиката. Во сетот од три танга насловени „Tres Movimientos Tanguisticos Portenos” (1961) Пјацола го претставува својот типичен „танго нуево” стил, иако во нив може да се препознаат и далечни влијанија од творештвото на Стравински, но и од неговиот учител Алберто Гинастера.

Адаптирано врз веќе десетина години стариот роман „Порги” од Хејвард, многумина се во недоумица дали „Порги и Бес” на Џорџ Гершвин е опера или мјузикл, бидејќи се состои од повеќе песни, кои подоцна стануваат најголеми американски хитови: „Summertime”, „It Ain’t Necessarily So”, „I Love You, Porgy”… Кон оваа дилема придонесува и фактот што официјалната премиера „Порги и Бес” ја доживува токму на Бродвеј на 10 октомври 1935 година, место во Њујорк добро познато по своите театарски перформанси или претстави, од кои најголем дел се мјузикли. Овие неколку факти, можеби ќе беа сосема доволни, еднаш засекогаш да се разреши оваа дилема и „Порги и Бес” да се смести меѓу најпознатите американски мјузикли, да не постоеше едно интервју со композиторот на ова дело, во кое тој ја нарекува „фолк-опера”, објаснувајќи ги темите кои се земени или инспирирани од локалниот фолклор.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко” во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.

Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти”, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987-та е нејзин главен диригент, а од 1988-та до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. До сега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…

***

Илинка Велкова дипломира флејта на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2002 година во класата на проф. Бети Станковска. Магистрира на ФМУ во 2018 година во класата на проф. Страшо Темков.Се усовршува на семинари кај еминентните педагози Миодраг Азањац и Андрош Адорјан. Во текот на школувањето, освоила бројни награди на државни и на меѓународни натпревари во категоријата за флејта и камерна музика. Дебитира со Македонската филхармонија на 16-годишна возраст со изведба на Концертот за флејта од Моцарт. Во 1999 година, започнал нејзиниот професионален ангажман како флејтист и пиколист во оркестарот на Македонската филхармонија.Како член на оркестарот, соработувала со бројни светски диригенти и солисти како што се Владимир Ашкенази, Дорон Саломон, Кшиштоф Пендерецки, Јерухам Шаровски, Џулијан Рахлин, Борис Березовски, Вадим Репин, Симон Трпчески… Покрај оркестарскиот ангажман, настапува солистички и со различни камерни состави, а има аудио и видеозапис за МРТВ.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.