ЕКСКЛУЗИВНО: Митко Кољушевски објави балада со наслов “Огниште”

222

-По подолготрајна работа “се роди” мојата најнова авторска балада “Огниште”, гласи ексклузивната новост која со нашата Редакција ја споделува реномираниот охридски творец, музичар, создавач на убави ноти и убав поетски збор, Митко Кољушевски.

Тој ја сними новата балада, на која ги потпишува музиката и текстот, а аранжманот е на Бојан Ѓулеиќ познат музичар, инструменталист и аранжер.

Кољушевски е одамна многу добро познато име во македонската музика. Автор е на повеќе новокомпонирани македонски песни, меѓу кои и легендарната староградска песна ,,Стариот фенер”.

Изведувач, пејач, инструменталист и препознатлив исто така по својата гитара која е негов најчест придружник.

Член е и еден од основачите на познатиот охридски ансамбл „Цар Самуил“, со кој своевремено запеаја на повеќе фестивали во земјава и издадоа неколку албуми. Кољушевски е основач и член на групата „Конак“ со која издава албум, а исто така ги основа групите „Езерски вез“ и „Романса“ каде настапува и како вокалист и гитарист.

Поезија и афоризми се дел од неговото богато творештво, а пишува и детски песни, најмногу за фестивалот “Распеано рибарче”.

Активен е и во своите пензионерски денови, и најавува нови остварувања во иднина. Тој е едно од актуелните имиња со кои Охрид се гордее.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.