Што е комуникација – Чин на воспоставување на врска со други луѓе и околината

Комуникацијата е основа на секојдневниот живот. Без неа не функционира ништо. Малкумина се тие што го освестуваат значењето на комуникацијата и често доаѓа до недоразбирања во секакви форми, токму заради немање на комуникација.

Aко комуникацијата е основа на целиот жив свет, за да се живее мора да се комуницира. Затоа луѓето од самите свои почетоци комуницираат т.е. воспоставуваат комуникациска врска меѓу себе.

Во секоја културна средина постојат специфични начини на комуницирање, пренесување на пораки, изразување на чувства за негативни и позитивни емоционални состојби, како и размена на мислења, ставови и состојби. Овие начини на комуникација децата ги учат во текот на своето растење како дел од стекнатото социјално знаење. Различна е комуникацијата во разни култури и социјални средини, па дури и во рамки на едно исто општество различно се изразуваат пораките, навиките, чувствата и ставовите меѓу припадници на различни социјални, културни и географски средини.

Комуникацијата секогаш без исклучок мора да е двонасочен процес и во себе вклучува два важни сегмента, а тоа се: обид да се разберат зборовите, мислите и чувствата што ги изразуваат другите со кои сте вклучени во комуникациски процес; и нашата реакција на тоа, на начин кој е корисен во дадената ситуација.

За да постои добра комуникација потребно е да имаме способност, да ги слушаме и гледаме оние со кои сме во комуникација, за да ги разбереме нивните пораки. Способноста за изнесување на идеите и чувствата за тие  да бидат корисни, како и насоките да ги натерате другите да ги слушнат вашите пораки и да ја разберат нивната важност. Сето ова се заокружува со способноста да се постигне главната цел на дадената комуникација.

Многу е важно да се знае дека со различни возрасни групи треба да се има различна комуникација. Појасно, поинаква е комуникацијата и начинот на која таа се спроведува со деца, со тинејџери, со возрасни и со стари итн.

Исто така мора да се внимава на начинот на комуникација кој се разликува во однос на средината во која се одвива. Дали таа се одвива во домот, во училиштето, на улица, во некое кафуле, на час, со другарите или роднините. Секоја одредена група има одредени специфики на комуникација, а вештината се однесува во тоа тие да се препознаат ако не ви се познати и да можете да се ги препознаете нив. Само така ќе можете да се вклопите во секоја средина.

Но, вештините се нешто што се учат многу лесно доколку се знае теоретскиот приказ за значењето и потребата од самата комуникација, нејзините почетоци, содржината и карактеристиките на нејзиното функционирање.

Без комуникација не може да постои ниту едно општество, ниту пак можат да се конституираат и одржуваат општествените структури. Најнапред комуникологот Паул Вацлавик, полски теоретичар, во 1974 година, како и многу други автори од оваа област комуникацијата ја сметаат conditio sine quq non  (услов за човечкиот опстанок) т.е. за човечкиот живот и општественото уредување. Голем број комуниколози теоретичари на комуникацијата гледаат функционален неминовен предуслов за секој општествен систем и најзначаен основен, односно  базичен општествен процес воопшто. Општеството се дефинира како систем составен од сите комуникациски доживувања и дејствувања. Притоа, еден општествен систем може да се изгради и одржи само тогаш кога учесниците се заемно поврзани преку комуникацијата, бидејќи секое заедничко дејствување на индивидуите се базира врз споделени (преку комуникацијата) пренесени значења. Комуникација (comunicatio) не значи само соопштување туку значи и заедница, учество и соработка. Тоа значи дека поимот комуникација преминува во поимот организација, бидејќи без комуникација, организираното дејствување е невозможно.

Едно нешто е многу збунувачко, што поимот комуникација во литературата, а и општо се употребува во голем број дефиниции што се преклопуваат со други поими, како на пример реакција, интеракција или однесување. Најчесто појмовно преклопување наоѓаме, меѓу комуникацијата и интеракцијата. Некои автори ги употребуваат и двата термини како синоними и ја дефинираат комуникацијата како предизвикувач на реакција. За други автори главниот белег на комуникацијата е пренесувањето на информација. Тие сметаат дека луѓето нема потреба да комуницираат ако не пренесуваат некоја информација. За нив, доколку нема пренос на информации, комуникацијата е безначајна.

Во секој случај и интеракцијата и комуникацијата се дефинирани како видови на социјално дејствување. Интеракцијата е поширок поим и се употребува како синоним за социјално дејствување, а комуникацијата се дефинира како интеракција со помош на симболи.

Покрај говорот постојат симболи на комуникација со тоа што треба да се запамети дека и молкот е вид на симболична комуникација, потоа движењето на телото, гримасите, пишаниот збор, музиката, гласовите, видеосликите без текст, масовното собирање, извиците. Сите овие се симболи на комуникација.

Дали сметате дека ако разговарате со некого и тој молчи, се зацрвени и не ви кажува ништо, дали имаме враќање  на пораката која вие со збор сте ја кажале т.е. дали има остварена комуникација?

Дали секогаш сте во ситуација да ја декодирате пораката испратена до вас?

Вака поставената комуникација,  ја опфаќа интеракцијата со посредство на симболи и ненамерно пренесување на информации од страна на комуникаторот, што некој набљудувач ги интерпретира како информативни.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.