Македонската филхармонија на 28 октомври, ќе одржи концерт во „Златната сала“ на концертната сцена „Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија.
Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80 годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.
На концертот во Виена, како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Програмата претставува спој на македонската музичка традиција и фоклор и европската класика.
Концертната сала „Музикферајн“датира од 1870 година и е дело на данскиот архитект Теофил Хансен чиј дизајн е инспириран од грчката и римската архитектура. Централно место зазема „Златната сала“ со капацитет од 2000 седишта, која е позната по својата неверојатна убавина и исклучителна акустика.
„Музикферајн“ не е само симбол на Виена и нејзиното богато музичко наследство, туку и центар на светската класична музичка култура.


































