„Далга“ – концерт на Филхармонија во Скопје и во Белград

4

Оваа среда (12 октомври) со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Далга“ на кој како солист ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, наместо  шпанскиот гитарист Рафаел Агире, како што беше првично најавено, кој поради болест го откажа гостувањето во Скопје.  Диригент е Габриел Бебешелеа од Романија. На програмата се „Пијан танец – Пајдушко“ од македонскиот композитор Сони Петровски и Концертот за пијано и оркестар во бе-мол и Шестата симфонија „Патетична“ од Петар Илич Чајковски. Концертот е поддржан од Европската Унија, а со истата програма оркестарот на Филхармонија на 14 октомври ќе гостува и во Белград.

Сони Петровски е роден на 4 јануари 1977 година во Сиднеј, Австралија. Средно музичко училиште завршил во Битола, а дипломирал на одделот по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф.Гоце Коларовски. Автор е на повеќе од 70 оригинални композиции и обработки во речиси сите жанрови. Операта „Леандар и Косара“, симфониски, концертантни, камерни, вокални, хорски и солистички дела. Автор е на повеќе нумери од албумот „Божилак“ на Тоше Проески како и 30-тина оркестрации на неговите песни изведувани ширум Балканот. Неговите дела се изведувани во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Словенија, Франција, Унгарија, Австрија, Италија, Германија, Новрешка, Полска, Русија, Украина, Данска, Холандија, Велика Британија, Нов Зеланд, Канада. Неговите дела се издадени на носачи на звук од СОКОМ, Музичка младина на Македонија, Трио Интерарт, City Records, Hit Records, Hi-Fi Centar.

„Пијан танец“ на Сони Петровски е дело создадено како нарачка од Македонската филхармонија. Неговата содржина е инспирирана од македонското народно оро „Пајдушко“, чија ритмичност и мелодичност е основа над која Петровски ја гради својата музичка мисла. Композицијата има богата и колоритна оркестрација која на инвентивен начин ја „реинтерпретира“ звучната структура на традиционалното македонско оро.

Шестата симфонија, насловена „Патетична“ на Петар Илич Чајковски не е дело напишано од композитор кој умира, ниту пак од автор кој бил во депресија. Дури и насловот „Патетична“ е додаден на постухмната изведба. Чајковски бил против давањето програмски карактер на ова симфониско дело, и кога му ја пратил на својот издавач ја насловил само како „Симфонија бр 6“ во бе-мол, посветена на Боб Давидов (неговиот внук). Токму во таква форма, делото било промовирано и на премиерната изведба на 28 октомври 1893 година. Три недели подоцна, по смртта на Чајковски, делото повторно било изведено, со програмскиот наслов „Патетична“. Во неа овој руски композитор буквално ја „истурил“ својата душа, ги покажал своите неверојатни капацитети како композитор кој музиката ја користел како платно за израз и преточување на своите најдлабоки емоции. Во неа има сe – и светлина и темнина, и живот и смрт. Оваа симфонија е олицетворение на композиторската моќ на Чајковски. Самиот композитор напишал дека „таа е неговото најдобро дело“. Во оваа симфонија се чувствува вечната борба меѓу животот и смртта, меѓу истрошената животна енергија и ултимативната сила на заборав, и токму тие елементи од нејзината структура ја прават да звучи толку моќно и безвременски. Шестата симфонија Чајковски не ја напишал за себеси, туку за сите нас.

Музичката  репутација на Габриел Бебешелеа брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија.

Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг Симфонискиот оркестар (2016). Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба која ќе добие високо позитивни критики. Во 2015 година, Бебешелеа работел со едни од двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман…

Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на ФМУ во Скопје со Кум Лауде), како и со проф. Симон Трпчески во чија класа магистрира на само 22 годишна возраст со просек 10 и со почести Кум Лауде.

Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијано фортисимо“, спектакуларен концерт кој поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр.3 од Сергеј Рахмањинов), на фестивали во Цавтат, Франција, Приштина, Австрија…

Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг листата на Третиот Европски Пијано Натпревар одржан во Нормандија, Франција, а подеднакво успешен во својата родна земја, во 2013 год. се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 го добива признанието „Лауреатна Фондација Томислав Зографски“ доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство. Во 2010 година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма – проект кој му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со „Фејмс“ оркестарот за снимање на филмска музика. Во 2015 година бележи големи меѓународни успеси, меѓу кои и неговото деби со Софискиот филхармониски оркестар што резултира со покана за настап повторно со истиот оркестар истата година. Во 2015, Имери за прв пат настапува со Македонската опера и балет во балетската претстава „Огнени Градини“ под диригентство на Јозеп Вицент и Бисера Чадловска, а во кореографија на Xејмс Амар. Редовно одржува рецитали, а активен е и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.