Вечерва се затвора 48. издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“

Со концертот „100 години од раѓањето на Властимир Николовски и Кирил Македонски“ вечерва во 20 часот во Македонската филхармонија свечено ќе биде затворено 48. издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Диригент е Борјан Цанев, а со Филхармонијата солистички ќе настапи сопранот Мила Јаневска.

На програмата се: Симфонија бр.4 (1960) од Кирил Македонски и Оркестарска суита „Ин модо антико“ за симфониски оркестар (1957) и „По патиштата“, вокално-инструментален циклус за глас и симфониски оркестар (1960) од Властимир Николовски.

– Музиката на Македонски ја носи уникатната ритмичка и мелодиска пулсација на македонскиот фолклор, кој го сметал за суштинска основа на своето творештво. О 1956 до 1960 година, компонира неколку значајни оркестарски дела, меѓу кои и четири од неговите пет симфонии. Неговиот професор, словенечкиот композитор Луцијан Марија Шкерјанц, ги опишал неговите симфонии како „силни, динамични и исполнети со сигурност во изразот преку јазикот и музичките средства на дваесеттиот век“ – велат од Филхармонијата.

Влезот за концертот е слободен.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.